Тој посочи дека извештаите од вонредниот инспекциски надзор што беше направен од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) веќе се доставени во Министерството за здравство, а за случајот е известено и надлежно јавно обвинителство
За евентуална одговорност за смртта на малата Јана ќе се одлучува откако надлежните органи ќе ги утврдат сите факти за тоа што се случувало во битолската болница каде што почина шестгодишното девојче, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Тој посочи дека извештаите од вонредниот инспекциски надзор, кој беше направен од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), веќе се доставени во Министерството за здравство, а за случајот е известено и надлежно јавно обвинителство.
„Врз основа на нив (извештаите) ќе се утврди точно што се има случено. Јас не можам да прејудицирам што точно се има случено бидејќи пред сè не сум медицинско лице. Меѓутоа, врз основа на сите факти, ќе бидат носени одлуки во иднина, но првин да почекаме да бидат споделени фактите што се има случено во битолската болница“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање дали ќе бара одговорност за случајот.
Дополнително на прашање во врска со наводите за недостig на медицински кадар, на што се пожали и директорот на битолската болница, при што рече дека има недостиг од сто лица медицински персонал, премиерот рече дека земјава има функционален здравствен систем, а Министерството за здравство и директорите на болниците треба да направат добра распределба на ресурсите за тој да функционира уште подобро.
„Ние имаме здравствен систем што е функционален, кој има голем број вработени, за кој се обезбедени финансиски средства за негово функционирање на ниво 0,8 милијарди евра во буџетот за 2023 година. На Министерството за здравство и на директорите на клиниките е нормално да ги распоредат кадрите во рамките на државата, таму каде што имаат потреба бидејќи се добива понекогаш впечаток дека во некои места има недостиг, а во некои места каде што во принцип сакаат да работат најголем дел од работниците, на пример во градот Скопје, донекаде се јавуваат и одредени вишоци на кадри. Така што треба да направат добро распоредување на своите ресурси и согласно тоа системот да функционира на уште подобро ниво“,
рече Ковачевски, кој одговараше на новинарски прашања по денешната посета на компанијата „Везе Шари“ во Џепчиште, Тетовско.
Шестгодишната Јана почина на 22 март откако, според информациите што досега излегоа во јавноста, била примена во битолската болница, а нејзината состојба се влошила по примање инфузија.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат по извршениот вонреден инспекциски надзор на клиничката болница во Битола, на 24 март на својата интернет-страница објави информација во која беше наведено дека при инспекцијата не се констатирани недостатоци во рамките на надлежноста на ДСЗИ.
Во текот на инспекцискиот надзор, како што информираа од надлежниот инспекторат, бил извршен увид во медицинската евиденција и документација која се води на одделението за педијатрија на болницата во рачна и електронска форма, а обезбедени се и изјави на дел од здравствените работници кои учествувале во лекувањето и третманот на детето.
Вчера родителите на починатото девојче во трогателна исповед на ТВ Сител раскажуваа што се случувало дента кога нивната ќерка почина во болницата. Тие ги демантираа сите информации дека девојчето имало шеќерна или срцева болест, но и дека некој од нив имал какво било заболување.
Под слоганот „Правда за Јана“, денеска во 19 часот на плоштадот „Магнолија“ во Битола ќе се одржи протест поради смртта на девојчето.
Организаторите на настанот во објавата порачуваат дека е доста од нефункционалност на здравствениот систем и додаваат дека на протестот граѓаните ќе бараат правда за Јана, но и оставки и реформи во здравството.