Во првите седум месеци од годинава АД ЕСМ произведе 2 194 гигават часови електрична енергија што е за 15% повеќе од лани, посочи директорот Ковачевски, според кого, зголемувањето на производството оваа година се должи, пред се, на зголеменото производство во термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј за 40%
АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) го зголемува домашното производство на струја и ако се оди според предвидениот план, рестрикции нема да има, соопштија на денешната прес-конференција директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, и министерот за економија Кршеник Бектеши. Во првите седум месеци од годинава АД ЕСМ произведе 2 194 гигават часови електрична енергија што е за 15% повеќе од лани, посочи Ковачевски, според кого, зголемувањето на производството оваа година се должи, пред се, на зголеменото производство во термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј за 40%.

Кај хидроелектраните, како што рече, има заштеда на вода и налување на прозводството споредено со лани за 25%.

„Целиот план за производство на електрична енергија за 2022 година е направен со 20% зголемување во однос на минатата. Реализацијата на тој план оди преку зголемувањето на ископот на сопствен јаглен, а потоа со набавка на јаглен за термоелектрните во Битола и Осломеј. Ископот на јаглен е со зголемен интензитет во рудниците во Битола“,
рече Ковачевски.
Ковачевски потенцира дека АД ЕСМ не набавува електрична енергија, туку јаглен и мазут за поголемо домашно производство на струја. Досега, како што кажа, се набавени 550 илјади тони јаглен за РЕК Битола, а во тек е отворена набавка за 600 илајди тони за наредниот период.
„Со ова производство целосно се задоволуваат потребите на домаќинствата и на малите потршувачи додека во ноќните вишоци од околу 50 мегавати се продаваат на слободниот пазар по берзански цени“,
изјави Ковачевски.
Ковачевски додаде и дека во планот за производство на АД ЕСМ се предвидува од ноември да профункционира и третиот блок во РЕК Битола, односно дека ќе се направи обид да нема класични ремонти со застои од 30, 60 или 90 дена, туку тие да се прават во периоди кога ќе има намалување на снагата, односно простор за санација.
За топлинската енергија, Ковачевски најави дека АД ЕСМ ќе се пријави на јавниот повик на Владата и за таа цел основавале три нови трговски друштва за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија.
„Како компанија ќе влеземе во најголем дел од овој проект со сопствени капацитети, но и со нови капацитети во делот на опремата и човечките ресурси се со цел континуирано и сигурно снабдување со топлинска енергија во Скопје“,
рече Ковачевски.
На прес-конференцијата беа објавени и задолженијата и препораките што Владата ги донесе за заштеда на електрична енергија во претстојниот период на зголемена потрошувачка на струја.