Премиерот потенцира дека нема ја коментира изјавата на О’Брајан, туку само ќе ја потврди затоа смета дека она што го има од страна на Владата, коалициските партнери, ЕУ е практично начинот на кој Северна Македонија ќе продолжи кон интеграциите и до 2030 година
Нема да ја коментирам изјавата на О’Брајан, но ќе ја потврдам. Кога некој ви нуди нешто што не сте виделе и врз основа на тоа сака да го добие вашето внимание и вашиот глас, тогаш тоа е една голема лага.
Ова денеска го изјави премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, по интервјуто на американскиот помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан, дадено за „360 Степени“, одговарајќи на прашањето што понатаму со оглед на тоа што е извесно дека овој парламент нема да ги усвои уставните измени, рече дека без да коментира дали работите би се случиле сега или подоцна, јасно е дека има понуда на маса и ако некој вели дека има подобра понуда, но не кажува за што точно станува збор, само се обидува да измами.

„Нивната теза е дека тие ќе понуделе друга алтернатива, а таа алтернатива никој не ја видел. И од тој аспект кога некој ви нуди нешто што не сте виделе и врз основа на тоа сака да го добие вашето внимание и вашиот глас, тогаш тоа е една голема лага. Затоа сметам дека она што го имаме од страна на Влада, коалициските партнери, ЕУ е практично начинот на кој Северна Македонија ќе продолжи кон ЕУ интеграциите и до 2030. Со оваа Влада после нашата победа на претседателски и парламентарните избори до 2030 година ќе станеме земја членка на ЕУ“,
рече Ковачевски.
Ковачевски, потенцираше дека опозицијата единствено сака да ја врати државата назад во изолација, додавајќи дека во земјата има проевропски и антиевропски блок.
„Во нашата држава има два блока, тоа сум го кажал скоро пред година и половина, едниот кој е за европски интеграции на државата и вториот којшто е за изолација на државата. Ние успеавме да станеме земја членка на НАТО. Успеавме да ги отвориме преговорите со ЕУ. Тие преговори се отворени низ преговори со француското претседателство, преговори со Бугарија и се разбира низ преговарачка рамка усвоена од сите 27 земји членки на ЕУ, во кои се наведени сите наши барања во однос на заштита на македонскиот јазик. Денес законодавство на ЕУ се преведува на македонски јазик, договорот ФРОНТЕКС е потпишан на македонски јазик. Македонскиот идентитет и култура се потврдени на европско ниво, па и дополнително со резолуции од страна на најголемите земји членки на ЕУ. Од друга страна, имаме обврска за внесување во преамбулата од уставот на други делови од народи, со што за прв пат ќе имаме јасно разграничување на македонскиот и бугарскиот народ што е исто така една голема придобивка за нас. Меѓутоа очигледно ова прашање опозицијата сака да го користи единствено за лични политички цели и да не врати назад таму каде што бевме 11 години“,
рече Ковачевски.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера соопштија дека аргументите на кои се темелат позициите на партијата поврзани со уставните измени биле презентирани на пријателската средба што претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, и потпретседателите Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски ја имале со американскиот помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан.
Во ставот од партијата, даден на барање на Телевизија 24, се повторува дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати бугарски диктат ниту сега ниту во иднина.
„Подготвени сме веднаш по формирањето на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ да седнеме со бугарската влада и како соседи да разговараме за реалноста и за фактите поврзани со реалноста. Што се однесува до прашањето за кого и како треба да гласаат македонските граѓани, одговорот е јасен, а уште појасен ќе биде за неколку месеци од денес кога ВМРО-ДПМНЕ ќе добие поддршка од огромно мнозинство македонски граѓани, бидејќи граѓаните не гласаат само за едно прашање за коешто ставот е јасен, туку гласаат за понудата кадровска и програмска“,
се додава во ставот од ВМРО-ДПМНЕ.
И лидерот на ГРОМ и актуелен градоначалник на скопската Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на својот фејсбук-профил ја коментираше изјавата на О’Брајан.
„Видовте ли сега дека вината не е кај нас како што милуваат да не викаат ‘опозиција на опозицијата’ ниту пак кај фракционерите внатре во ВМРО, туку кај самиот Мицкоски. Потврда дека има проблем сам со себе, а тоа значи цела опозиција со него е изјавата на помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан дека од него ‘ни автомобил не би купил’. Од кого не се купува автомобил, мал џамбаз – преварант“,
пишува Јакимовски на Фејсбук.
О’Брајан во интервју за „360 Степени“, прво за македонски медиум откако во октомври ја презеде функцијата, рече дека е важно Северна Македонија и соседите да наоѓаат начини за да се движат напред.
„Има понуда на масата, треба да ја земете. Ако не ја земете, ѝ вртите грб на историјата, искрено. Тој пат може да изгледа задоволувачки, но тоа ќе ја чини вашата економија, ќе причини повеќе луѓе да сакаат да ја напуштат земјата и, генерално, ќе ја уназади земјата. Она што ми се допадна во земјата кога првпат дојдов пред речиси 30 години е колку сите беа нестрпливи да бидат дел од овој поголем проект наречен ЕУ. Ги охрабрувам сите политички лидери да ја земат оваа можност“,
рече О’Брајан.