„Логиката вели дека во конкретниот случај со лидерот на ВМРО – ДПМНЕ тие се сигурни дека нема да победи и нема да формира Влада и затоа даваат вака остри и незапамтени изјави во 30 години постоење на Македонија“, пишува Јакимовски на Фејсбук
Волку „тврда“ изјава, дури и навредувачка, од еден дипломат не е изговорена дури и кога Груевски беше изложен на огромен меѓународен притисок, сепак бираа зборови. Ова е мислењето на лидерот на ГРОМ и актуелен градоначалник на скопската Општина Карпош, Стевчо Јакимовски кој на својот фејсбук-профил ја коментира изјавата на американскиот помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан дадена во интервју за „360 степени“.
„Видовте ли сега дека вината не е кај нас како што милуваат да не викаат ‘опозиција на опозицијата’ ниту пак кај фракционерите внатре во ВМРО, туку кај самиот Мицкоски. Потврда дека има проблем сам со себе, а тоа значи цела опозиција со него е изјавата на помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан дека од него ‘ни автомобил не би купил’. Од кого не се купува автомобил, мал џамбаз – преварант“,
пишува Јакимовски на Фејсбук.
Значи, додава Јакимовски, Мицкоски има многу проблеми внатре во партијата, во опозицијата, во односите опозиција – власт, но и со надворешниот фактор.
„Епа не можеме сите да не му чиниме“,
додава лидерот на ГРОМ.
Според него, дипломатите во годините кога Никола Груевски беше лидер, ги бирале зборови затоа што нивните проценки биле дека и покрај се Груевски може да победи и потоа да имаат уште поголем проблем со него.
„Логиката вели дека во конкретниот случај со лидерот на ВМРО – ДПМНЕ тие се сигурни дека нема да победи и нема да формира Влада и затоа даваат вака остри и незапамтени изјави во 30 години постоење на Македонија. Затоа пријатели Македонци берете си памет оти работите ви се движат како од прирачник“,
додава Јакимовски во статусот.
Реакцијата на Стевчо Јакимовски доаѓа откако во синоќешното интервју за „360 степени“ американскиот помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, О’Брајан, одговарајќи на прашањето што понатаму со оглед на тоа што е извесно дека овој парламент нема да ги усвои уставните измени, рече дека без да коментира дали работите би се случиле сега или подоцна, јасно е дека има понуда на маса и ако некој вели дека има подобра понуда, но не кажува за што точно станува збор, само се обидува да измами.
На прашањето дали има шанса за интервенции во Преговарачката рамка на ЕУ или промени во глобалниот контекст, кога некој вели дека може да донесе подобра понуда, О’Брајан даде негативен одговор.
„Видите, има понуда на маса. И ако сакате да знаете за некого кој е и како ќе постапува кога ќе биде на власт, видете како ќе реагира на таа понуда. Ако тие велат, на многу јасен начин, еве ја алтернативата и верувам дека таа е прифатлива за другите, тогаш можете да процените дали се во право или не. Ако велат – имам подобра понуда, но нема сега да ти кажам што е – тоа е личност од која не би купиле автомобил. Па, мислам и дека не би требало да гласате за нив, исто така. Но, тоа е избор кој го прават гласачите овде. Јас не гласам овде. Луѓето може да изберат што сакаат“,
додаде тој.