Десетици илјади студенти во четвртокот (15 октомври) трет ден по ред излегоа на улиците за да го изразат своето незадоволство од, како што велат, високите трошоци за образование, но и од раширената корупција и непотизам во земјата
Протестите еруптираа во средата кога полициските сили одговорија со водени топови и солзавец кон демонстраните, а на улиците на Тирана останаа изгорени мотоцикли, автомобили, контејнери, искршени автобуски станици и оштетени семафори
Антивладините протести во Албанија ескалираат и се претворија во насилни судири со полицијата, a тензиите се особено високи во Тирана, каде што демонстрантите запалија владини и банкарски згради, пренесуваат регионалните медиуми.

Незадоволство од високите трошоци за образование
Десетици илјади студенти во четвртокот (15 октомври) трет ден по ред излегоа на улиците за да го изразат своето незадоволство од, како што велат, високите трошоци за образование, но и од раширената корупција и непотизам во земјата.
Меѓу барањата е и оставка на владата предводена од Еди Рама.
Тој во изјава за Ројтерс, пак, ја отфрли можноста за оставка, наведувајќи дека нема да дозволи насилството да ја спречи Албанија да ја постигне целта за членство во Европската Унија.
Во нередите, дел од демонстрантите запалиле зграда на Министерството за образование и две банки и фрлаа камења кон полицијата. Поради немирите во Тирана, беше откажана и седницата на албанскиот парламент, откако дел од демонстрантите успеаја да ја пробијат капијата на заградата на законодавниот дом.
Протестите еруптираат во средата кога полициските сили одговорија со водени топови и солзавец кон демонстраните, а на улиците на Тирана останаа изгорени мотоцикли, автомобили, контејнери, искршени автобуски станици и оштетени семафори.
Рама: Овие протести не се студентски
Премиерот Еди Рама во снимена изјава од обиколката на изгорените објекти, рече дека овие протести не биле студентски.
„Овие урнатини не се од рацете на студентите. Студентите ја претставуваат иднината, тие се оние кои гледаат напред. Студентите се добредојдени тука и ние секогаш сме подготвени да седнеме со нив за да разговараме, да дискутираме и да најдеме решенија за проблемите што ги мачат. Ова е од рацете што се обидуваат да ја срушат Албанија секој пат кога Албанија се обидува да се издигне“,
изјави Рама.

Канцеларијата на Европската Унија во Албанија преку соопштение ги осуди ескалацијата на насилството и уништувањето на јавниот и приватниот имот.
Од друга страна организаторите на протестите истакнуваат дека главните причини за незадоволството се високите трошоци за студирање, лошите услови на универзитетите, недостатокот на финансиска поддршка за студентите и лошите можности за вработување по дипломирањето. Покрај тоа, се зголемуваат критиките за корупцијата и начинот на кој се води земјата.
„Моја одговорност е да слушам, да се осврнам на легитимните загрижености и да ја водам Албанија напред. Другата опција би била да ги предадам Албанците кои ми дадоа силен мандат да ги завршам преговорите за членство во ЕУ“,
рече Рама.
Десетици повредени и приведени
Според медиумските извештаи, најмалку осум државни институции биле оштетени на третиот ден од жестоките антивладини протести кои ескалираа во насилни судири со полицијата. За време на нередите во средата, според Универзитетскиот болнички центар „Мајка Тереза“ во Тирана биле промени 23 повредени полицајци, пет демонстранти и еден случаен минувач, на кои им била укажана лекарска помош.

Полцијата, како што пренесе регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, соопштила дека се приведени 35 демонстранти.
Бериша ги повика наставниците и професорите да им се придружат на студентите
Лидерот на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, во четвртокот ги повика средношколците низ Албанија да ја бојкотираат наставата во знак на солидарност со студентите, јави албанската новинска агенција АТА.
На прес-конференција, Бериша ги опиша студентските демонстрации како ослободителен бунт за Албанија и го осуди, како што рече, насилството врз демонстрантите.
„Ги повикувам наставниците и универзитетските професори да застанат покрај своите ученици и студенти и да запомнат дека првата лекција, основниот принцип на нивната мисија, е дека мора да бидат со нив во сите околности“,
рече Бериша.
Бериша дополнително го обвини Рама за злоупотреба на власта, корупција и осиромашување на албанските граѓани, нагласувајќи дека барањето за негова оставка претставува ултиматум.
Тој предупреди и дека обидите за заплашување на студентите и учениците нема да останат без последици.

Прашан за изјавата на Рама за „Ројтерс“ дека нема да поднесе оставка, како и за ризикот од дестабилизација на земјата, Бериша рече дека премиерот ги изгубил своите битки и го предупреди да не ја користи полицијата како „топовско месо“.
Актуелниот бран студентски протести во Албанија доаѓа по месеци претежно мирни демонстрации против владата на Рама. Еден од претходните извори на незадоволство беше проектот за изградба на луксузен туристички комплекс на јужниот брег на Албанија, поддржан од Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
