Првиот круг ќе биде анкета за рејтингот на политичките партии, а вториот ќе биде тест и за владејачката коалиција и за евентуални нови партнерства на државно ниво, вели аналитичарот и новинар Џелал Незири
Мнозинско резидентно население во Брвеница, според етничката припадност, се Албанците (54,06%), по што следат Македонците (45,38%). На локалните избори во 2021 и 2025 г. победи кандидат Македонец
За некого пријатно, за некого непријатно, но несомнено беше изненадување кога во 2021 година Јовица Илиевски победи на изборите за градоначалник во Брвеница, општина со мнозинство Албанци.

Истото може да се каже и за лани, кога ја повтори победата.
Општина Брвеница да докажеме дека е општина заедничка, на Македонци, на Албанци и на сите останати…
рече Илиевски на почетокот на вториот мандат.
Илиевски два пати победи неочекувано на политичката сцена. Но, потоа, ја загуби животната битка. Почина ненадејно во јуни годинава.
Ќе остане незаменлив за семејството, но Општина Брвеница мора да бира нов градоначалник.

Брвеница има повеќе гласачи на избирачкиот список од резиденти, но ја истакнуваме етничката структура бидејќи таа често е клучна при одлуката – на која партија или кандидат да му се даде поддршката.

По тој клуч, посетивме и две различни средини за да ги прашаме жителите – што очекуваат од следниот градоначалник.

Да се направат патиштата малку подобри, состојбата на населението да биде подобра, на учениците, на училиштата. Инфраструктурата треба да биде подобра. Младите ни заминаа во странство, тоа е многу лошо. Селото е испразнето, куќите се празни.
рече жител на Челопек.
Друг жител што го сретнавме во селото Челопек отвори и други прашања.

Многу патишта што водат кон ниви се зафатени, населението се занимава со тие полски работи. Значи тие да се исчистат, да се исправат за населението слободно да се движи низ нив. Недостасуваат знаци во секое населено место. На пример, ако ни дојде некој странец, нема да знае како да се ориентира во село без знаци.
изјави жител на Челопек.
Баравме, но низ селото тешко е да се види само да помине млад човек, а не, пак, да се разговара со него.

Некоја фабрика да се направи, да се вработат. Тоа е најважното, за да не си одиме и ние пензионерите, бидејќи младите веќе заминаа.
360°: Зошто и вие старите сакате да си одите?
Па… Ќе си одиме бидејќи немаме услови за живот.
рече друг жител на Челопек.
Од Челопек отидовме во Брвеница.
Дел од жителите имаа пофални зборови за работата на покојниот градоначалник. Но, посочија и на одредени предизвици.

Од идниот градоначалник очекуваме да продолжи по неговите стапки, да не гледа националност, вера и слично. Очекуваме во селово ако може уште една капела да се направи, да помогне една капела да се направи, големо е селово, другите села ако можат – сите да имаат.
изјави жител на Брвеница.
Друг жител на Брвеница вели дека целосно изгубил доверба во политичарите.

–Како досега сите што нè лажеа, и овие нè лажат. Не верувам во никого веќе, изгубија сите доверба.
360°: Што треба да се направи во Општина Брвеница според тебе? Идниот градоначалник што треба да направи?
-Идниот? Прва работа – комуналиите да ги реши. На прво место. Комуналиите се најважно за човечкиот живот. Тоа е. Друго е реновирање. А за градба, се гради сè.
ни изјави друг жител на Брвеница.
Инфраструктурата беше во фокусот и на друг жител.

Значи, патот го направиле, а еве овде две коли се пропаднати во дупкава, и неколку деца тука и навечер се вртат. И тоа остана така – патот, вика, е пуштен, исправен, направен, а дупкиве не ги санираа. Кај кого да се жалиме?
рече жител на Брвеница.
Во трката за нов градоначалник на Општина Брвеница се шест кандидати.

Под слоганот „Една Брвеница за сите“ дипломираниот правник и магистер по правни науки Стојанчо Радичевски ја бара довербата од сите гласачи. Значителен фокус во неговата програма е на социјалната сфера.

Еден од главните проекти во моментов е детската градинка којашто треба да се гради во населеното место Челопек. Понатаму, доизградба на градинката во Брвеница, со тоа што ќе се зголеми постојната за отприлика 50 дечиња кои ќе можат да се згрижат во неа. Понатаму во оваа сфера ќе се гради уште една детска градинка,мислам дека ќе е во населеното место Радиовце, за да ги поврземе останатите населени места: Стенче, Волковија, Теново и Радиовце.
рече Радичевски.
Покојниот градоначалник Јовица Илиевски победуваше два пати, меѓу другото затоа што успеваше да добие гласови и од жителите Албанци. Па, го прашавме сегашниот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ дали и тој очекува таква поддршка?
Секако, ја продолжуваме традицијата, односно ги негуваме меѓуетничките односи. Јас имам многу Албанци коишто ми се драги пријатели и со кои пиеме кафе секојдневно, таа традиција ќе продолжи да се негува и понатака. Очекувам поддршка и од Македонците, и од Турците, и од Албанците и сите што живеаат на територијата на нашата општина.
додаде Радичевски.
Во трката за градоначалник на Брвеница под реден број 2 е кандидатот на СДСМ, Јовица Радески, кој на овие избори влезе со слоганот „Се бориме за Брвеница“. Како ветеринар со две децении искуство, вели – поттик да се кандидира е тоа што секојдневно е меѓу граѓаните и ги знае проблемите на овој крај. Издвојува неколку приоритетни.

Во нашата програма еден дел е за фекалната канализација во селото Волковија, во 21 век тие сè уште се соочуваат со тој проблем,тоа ќе ни биде од првата година што сакаме да го реализираме. После планираме старечки дом во селото Челопек. Исто така, сакаме да направиме пешачка и велосипедска патека на потегот од гробиштата до Вардар и да ја осветлиме целата, и да направиме капела во село Брвеница.
изјави Радески.
Слично како и кандидатот на ВМРО, го прашавме и кандидатот на СДСМ – дали очекува и бара гласови од Албанците во Општина Брвеница.
Како што напоменав, веќе 20 години сум тука со нашите сограѓани, поголем дел, да речеме, каде што поминувам се и Албанците тука. Нормално дека очекувам нивна поддршка, и од Македонците и од Албанците уште во првиот круг.
додаде Радески.
На последните редовни локални избори, во вториот круг во Брвеница се тркаа кандидатите на коалициските партнери во централната власт – ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Сега, втората владејачка партија по големина застана зад Јакуп Хусеини – магистер по право и вработен во Општината веќе шест години. Кампањата го носи мотото „Еден глас за Брвеница“, а програмата ја базира на четири столба.

Првиот столб е транспарентност, односно транспарентно владеење, каде буџетот ќе се креира преку форуми на заедниците во сите населени места. Отворено ќе им покажеме колкав е буџетот, од каде очекуваме финансии, колку се наши, сопствени, а колку надворешни. И сигурно на крајот на годината ќе дадеме отчет за сработеното и за направените трошоци. Втор столб е младината, економијата и развојот. Следниот столб се дијаспората и можностите за развој, и на крај, животната средина и инфраструктурните потреби на нашата општина.
изјави Хусеини.
И Усеини го прашавме дали очекува и дали бара поддршка од сограѓаните со различна етничка припадност, во неговиот случај пред сè од Македонците.
Во нашата програма ги вклучивме сите населени места и не правевме разлики. Сите села ќе го добијат својот дел врз основа на големината и околностите. Се среќавам со сите граѓани и разговарам со нив на улица. Ние сме мала општина и граѓаните очекуваат работа од нас, а не многу зборови.
додаде Хусеини.
Кандидатот на коалицијата „Национална алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ, е Аркин Јахији, магистер по споредбена јавна администрација на Европската Унија. Јахији е по вторпат во трката за градоначалник на Брвеница. Програмата за овие избори ја темели на пет столба.

Тоа е патот Стенче – Гургурница, патот во село Челопек, како и обиколницата што треба да се направи за Челопек. Главен приоритет е и реновирањето на училиштето во Теново и училиштето во Милетино. Има низа инвестиции кои не чинат многу, но бараат волја за работа. Исто така, мора да направиме патеки за да не се загрозува животот на граѓаните, како во Радиовце, така и во Теново и Милетино, каде што треба да се изврши реконструкција на мостот бидејќи е ризичен.
изјави Јахији.
Како и другите претенденти, и Јахији вели дека очекува поддршка од сите.
Во оваа програма предвидовме проекти за секое населено место: од Гургурница, Стенче, Волковија, Теново, Радиовце, Блаце, Милетино, Челопек, Брвеница, до Долно Седларце. Сакаме да им го олесниме животот на сите жители на општина Брвеница. Ќе работиме за сите граѓани и ние ќе бидеме отворената врата за сите граѓани.
додаде Јахији.
Брвеница можеби е мала и рурална општина, но според аналитичарот и новинар Џелал Незири, претстојните предвремени локални избори имаат значење и на национално ниво. Особено ако се стават во поширок контекст.

А тој политички контекст ги става предвремените парламентарни избори на хоризонтот. Значи, сите знаеме дека постои можност овие предвремени парламентарни избори да се одржат напролет и поради оваа причина, изборите во општина Брвеница треба да бидат или да претставуваат еден вид одраз на реалната состојба на секоја партија одделно.
изјави Незири.
Првиот круг, вели Незири, ќе биде оној што ќе послужи како своевидна анкета. Вториот, пак, ќе биде показател за меѓупартиските односи, кои може да се одразат на државно ниво.
Но да претпоставиме дека во вториот круг би отишле ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Во тој случај Влен ќе се најде во позиција да го поддржи коалицискиот партнер. Доколку се случи спротивното, односно одат Влен и СДСМ, во тој случај нормално е дека ВМРО ќе треба да го поддржи кандидатот на Влен. Значи, на тест ќе биде ставено и партнерството меѓу самите политички партии што ја сочинуваат владината коалиција. Но, Брвеница ќе може да се искористи и за создавање нови сојузи кои можеби ќе најават и некоја друга соработка на национално ниво меѓу политичките партии. Значи, сè е во игра и токму поради оваа причина Брвеница станува многу важна и многу интересна за сите граѓани на Северна Македонија.
додаде Незири.
„360 степени“ стапи во контакт и испрати покана за снимање и до преостанатите, независни кандидати за градоначалници. Не ја прифатија.

Независно од тоа, и тие ја бараат поддршката од граѓаните и нивните имиња се на гласачкото ливче. Гласањето за првиот круг е веќе во недела, на 18 октомври.
