Возачот на автобусот и еден патник се здобиле со тешки повреди и биле пренесени со хеликоптер во Универзитетската болница во Лил. Останатите 17 лица биле пренесени во други болници

Автобус удрил во запрен товарен воз во близина на францускиот влез во Тунелот под Ламанш, при што се повредени возачот и 18 патници, соопштија француските власти.
Автобусот, како што објави Би-би-си, кој превезувал возачи на камиони што требало да се качат на железничкиот транспортен сервис, удрил во возот што се наоѓал на утоварниот перон на Евротунелот во Кокел, близу Кале, вчера во 19:27 часот.
Возачот на автобусот и еден патник се здобиле со тешки повреди и биле пренесени со хеликоптер во Универзитетската болница во Лил. Останатите 17 лица биле пренесени во други болници.
Агат Кири, заменик-префект на департманот Па-де-Кале, изјави дека не постои опасност по ничиј живот.
На местото на настанот пристигнале околу 200 припадници на итните служби и друг персонал. Сообраќајот на возовите низ тунелот бил прекинат во траење од 90 минути, по што постепено почнал да се нормализира доцна вечерта.
Кири изјави дека од засега непознати причини, минибусот удрил во возот во моментот кога тој тргнувал и дека веќе е започната истрага за причините за инцидентот.
На фотографиите објавени од локалниот француски весник „Ла воа ди нор“ (La Voix du Nord) се гледа минибус со оштетувања на предниот и страничниот дел, паркиран до воз, опкружен со припадници на итните служби.
