Оттаму нагласуваат дека околностите во земјава се суштински различни од тие во Србија и оти битолската Алта банка не е предмет на политички притисоци и пресметки од карактерот на оние што ги одбележаа случувањата во Србија

Алта банка АД Битола е ликвидна и продолжува со редовно и непречено работење, информираат оттаму откако беше објавена одлука на Народната банка на Србија дека српската Алта банка останува без лиценца за работа.
Од македонската Алта банка, денеска преку соопштение објавено на нивната фејсбук-страница, велат дека сите експозитури и банкомати функционираат нормално, а клиентите имаат непречен пристап до своите средства.
„Граѓаните можат слободно да располагаат со своите депозити, да подигнуваат готовина и да ги извршуваат сите банкарски трансакции, согласно вообичаените услови на работење“,
се вели во соопштението.
Додаваат и дека Алта банка АД Битола е самостојно правно лице, регистрирано во земјава и кое работи согласно домашната законска регулатива и е под непосредна супервизија на македонската Народна банка.
„Настаните поврзани со банката во Србија не значат автоматски промена на финансиската состојба или правниот статус на Алта банка АД Битола“,
велат од банката.
Оттаму нагласуваат дека околностите во земјава се суштински различни од тие во Србија и оти битолската Алта банка не е предмет на политички притисоци и пресметки од карактерот на оние што ги одбележаа случувањата во Србија.
„Банката работи врз основа на професионални, деловни и регулаторни принципи. Банката располага со сопствен капитал, средства и обврски, а нејзиното работење е под континуирана супервизија на Народната банка“,
се додава во соопштението.
Според банката, депозитите на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување на депозити, согласно законските услови и лимити.
„Ги уверуваме нашите клиенти дека Банката продолжува со редовно работење и исполнување на своите обврски. Нивните средства им се достапни и нема ограничувања во користењето на банкарските услуги надвор од вообичаените услови на работење“,
велат од банката од каде додаваат дека остануваат посветени на заштитата на интересите на своите клиенти, финансиската стабилност и одржувањето на довербата.
