Поранешниот градоначалник на Аеродром во објавата на Фејсбук реагира на навредите што претседателот на партијата ги кажа за иницијаторите на последната прес-конференција
Поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, преку социјалните мрежи му порачува на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека вонреден конгрес ќе има и бара од него да не се поистоветува со партијата.
„Биди сигурен дека вонреден конгрес ќе има, и тоа со огромна поддршка од делегатите кои во 2017 година тебе те направија претседател на партијата. Имај барем за крај доблест и свикај го сам вонредниот конгрес за да се поштеди партијата од поделби, застани пред делегатите со крената глава, заблагодари им се за довербата што ти ја укажаа и обиди се да го подобриш впечатокот за тебе во нивните очи. Тие се ВМРО-ДПМНЕ, а не ти!“,
порачува Коневски.
Коневски е еден од поранешните функционери од оваа партија кои се дел од Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес. Тие во изминатиот период инсистираат Мицкоски да се повлече бидејќи изгуби на изборите, а и не успеа да формира влада.
Поранешниот градоначалник на Аеродром во објавата на Фејсбук реагира на навредите што претседателот на партијата ги кажа за иницијаторите на последната прес-конференција, нарекувајќи ги мафија, мрачни сили, печалбари во политиката и слуги на Зоран Заев.
„Сè уште актуелен претседателе на ВМРО-ДПМНЕ, зошто одбиваш достоинствено да си заминеш од функцијата кога и сам знаеш дека времето е дојдено? Зошто упорно продолжуваш да се срамиш себеси упатувајќи навреди и клевети кон луѓето кои бараат твоја оставка? Зошто се криеш зад партијата и постојано повторуваш дека е тоа напад врз ВМРО-ДПМНЕ? Немаш право бесрамно да користиш ниски навреди и вулгарни зборови за луѓе кои животот го посветиле на ВМРО-ДПМНЕ, кои создале толку многу работејќи за државата и кои немаат ни најмала црна дамка во кариерите“,
вели Коневски.
Тој го обвинува по Мицкоски за професорската титула велејќи дека ја добил со непотизам и потсетува дека поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ донела закон за во иднина да не се случуваат вакви грешки.
Покрај Коневски, во Иницијативниот одбор се и поранешните градоначалници на Бутел и Дојран, Петре Латиновски и Борче Стамов, Филип Петровски, актуелниот градоначалник на Илинден, Жика Стојановски, поранешната пратеничка Весна Дамчевска-Илиевска.
Во изминатите денови кон оваа иницијатива се приклучи и дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром и Карпош.
*Поврзани вести:
Иницијаторите од ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски не собра храброст за оставка
Членови на ВМРО-ДПМНЕ со иницијатива за вонреден конгрес на партијата и оставка од Мицкоски
И Ивица Коневски бара промени во ВМРО-ДПМНЕ
Ѓорѓиевски: До ВМРО-ДПМНЕ нема барање за вонреден конгрес, ако стигне, ќе го разгледаме
И членови на ВМРО-ДПМНЕ од Аеродром бараат вонреден конгрес, Општинскиот комитет се оградува