Мицкоски не донесе ниту една победа и нема причина да биде привилегиран пред Георгиевски и Груевски, кои се повлекоа по првиот пораз на избори, вели Стамов од Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес
Христијан Мицкоски да се повлече и уште утре да свика и закаже вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, бараат членовите на партијата кои се обединија во Иницијативен одбор за свикување вонреден конгрес.
„За да се избегнат натамошни поделби, најдобро е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да свика вонреден конгрес. Оттука, го повикувам претседателот да покаже демократски капацитет и уште утре да свика и закаже вонреден конгрес. Ако претседателот на партијата е сигурен во довербата на членството, за него е најдобро да се повлече, па конгресот кој го избра да има шанси повторно да се изјасни за доверба кон него“,
изјави членот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен градоначалник на Дојран, Борче Стамов, кој е дел од оваа иницијатива.
Тој потенцира дека состојбата не е црно-бела, како што актуелното раководство на партијата сака да ја прикаже, и оти партијата е поделена како никогаш досега, па нагласува дека единствениот начин за консолидирање е одржување на вонреден конгрес во најскоро време.
Конгресот, според него, е единствениот партиски орган кој е легитимен да дискутира за состојбата во партијата.
„Во услови кога мандатот на сите членовите на Извршниот комитет е истечен, во услови кога мандатот на најголемиот дел од членовите на Централниот комитет е исто така истечен, единствениот легитимен партиски орган кој би можел да дискутира за состојбата на партијата е конгресот на ВМРО-ДПМНЕ. Во услови кога немаме Централен комитет да носи легитимни партиски одлуки, вонреден конгрес може да свика претседателот или, пак, самите делегати на конгресот“,
рече Стамов.
Иницијативниот одбор смета дека нема причина Мицкоски да биде привилегиран пред претходните претседатели Љупчо Георгиевски и Никола Груевски, кои по првиот пораз на избори си поднесоа оставки. Тоа е, вели Стамов, и долгогодишна пракса во западните демократии.
„Се бориме за запазување на веќе воспоставениот стандард за оставки. Јас не сум среќен што во мојата партија во која сум пораснал мора со ваков активизам да се бориме за запазување на веќе воспоставениот европски стандард за понесување одговорност после изгубени избори. Да потсетам, претходните претседатели Георгиевски и Груевски, кои ја раководеа партија по повеќе од 10 години двајцата, и ја водеа низ повеќе победи и успеси, при првиот свој пораз го запазија овој стандард. Актуелниот претседател не донесе ниту една победа или успех, и нема никаква рационална причина тој да биде привилегиран пред Георгиевски и Груевски“,
рече поранешниот градоначалник на Дојран.
Стамов не откри колкав е бројот на делегати што стојат зад нив и дали имаат поддршка и од некои од новите пратеници, но нагласи дека нивниот број е сè поголем.
„Бројот на делегати на конгресот, актуелни и поранешни партиски функционери или општо членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои се приклучуваат кон идејата, расте секој ден. Тоа ни дава право да заклучиме дека сме на вистинскиот пат“,
порача тој.
Прес-конференцијата Стамов ја одржа пред Музејот на ВМРО, а Иницијативниот одбор минатата недела имаше уште едно појавување во јавноста барајќи оставка од Мицкоски.
Тогаш пред новинарите зборуваше Весна Дамчевска-Илиевска, член на Извршниот комитет на Унијата на жени, а меѓу препознатливите лица од партијата за време на изјавата пред седиштето на партијата можеа да се видат десетици поддржувачи, меѓу кои, покрај Стамов, и поранешните градоначалници на Аеродром и Бутел – Ивица Конески и Петре Латиновски, актуелниот градоначалник на Илинден, Жика Стојановски, како и Филип Петровски.