Податоците од кварталниот извештај на „Газпром“ за 2021 година покажуваат дека најголем купувач на руски гас во Европа е Германија со 28,9 милијарди кубни метри гас годишно, а најмалку Швајцарија (0,2) и БиХ (0,1)
Катарскиот министер за енергетика Ал-Каби на меѓународниот форум во Доха кон крајот на март рече дека на Европа ѝ требаат пет до седум години за да го замени рускиот гас
Одлуката на „Газпром“ да ја прекине испораката на гас за Бугарија и Полска предизвика бурни реакции во ЕУ, но и шок на пазарот бидејќи цените на бензинот скокнаа за повеќе од 20% во првите неколку часа. Европа најавува дека ќе ја намали зависноста од рускиот гас, но тоа ќе биде тешка задача бидејќи околу 45% од сите испораки на гас во Европа доаѓаат од Русија. Кои се најголемите купувачи на руски гас во Европа?
Податоците од кварталниот извештај на „Газпром“ за 2021 година покажуваат дека најголем купувач на руски гас во Европа е Германија со 28,9 милијарди кубни метри гас годишно. Следува Турција која секоја година од Русија набавува 14,6 милијарди кубни метри гас, додека Италија откупува 11,4 милијарди, Франција со 6,6 милијарди кубни метри гас, Австрија 5,4, Полска 5,2, а Холандија 4,2 милијарди кубни метри гас годишно.
На средина на оваа листа се: Унгарија, која според договорот со Русија купува 3,9 милијарди кубни метри гас, а потоа следи Словачка со 2,5, Велика Британија со околу 1,7 милијарди, Грција 1,6, а Полска 1,5 милијарди кубни метри гас, Романија и Србија со 1,2 милијарди кубни метри гас од Русија, а Данска и Финска по една милијарда.
Најмалку руски гас тече во Чешка (0,9) и Хрватска (0,8) се под една милијарда, Словенија (0,3), Швајцарија (0,2) и Босна и Херцеговина (0,1).
Москва почна да ги остварува заканите
Со прекинот на испораката на гас за Бугарија и Полска, Москва ја исполни заканата да го запре протокот на гас кон земјите кои одбиваат да платат во рубљи, како што бара „Газпром“ врз основа на указот што претходно го потпиша рускиот претседател Владимир Путин.
Европската Унија одби да плаќа во руска валута бидејќи, според Брисел, ќе бидат прекршени санкциите што ги воведе самата ЕУ, а Русија ќе биде засилена. Сега кога истекуваат роковите за плаќање, владите ширум Европа треба да одлучат дали ќе ги исполнат барањата на Русија или ќе останат без енергија.
Прекинот на испораката на гас за Полска и Бугарија е прв таков прекин од зимата во 2009 година, кој траеше речиси две недели.
Што може да се случи ако снабдувањето со руски гас целосно престане?
Доколку дојде до целосен прекин на испорака на руски гас во Европа, цените на парното, кои и онака се високи, би се зголемиле уште повеќе, а особено ранливи би биле Италија и Германија. Европа би можела да се сврти кон постоечките извозници на гас, како што се Катар или Алжир и Нигерија, но постојат практични пречки за брза испорака, првенствено недостаток на инфраструктура.
Тука се поставува прашањето дали може да се најдат алтернативи за рускиот гас?
Според експертите, тоа не би било лесно. Научниот центар „Бројгел“ предвидува дека ако Русија го прекине снабдувањето со гас, Европа би можела да увезе повеќе течен природен гас од САД. Исто така, може да ја зголеми употребата на други извори на енергија, но тоа не е ниту брзо ниту лесно.
„На обновливите извори на енергија им треба повеќе време за да се воведат, така што на краток рок, тоа не е решението. Значи, за следната зима – она што може да направи разлика е промената на горивото, како што е отворањето електрани на јаглен, како што Италија и Германија имаат планови да направат во итен случај“,
вели аналитичарот Симон Талиапиетра.
ЕУ предложи план да ја направи Европа независна од руските фосилни горива пред 2030 година – вклучувајќи мерки за диверзификација на снабдувањето со гас и замена на гасот во производството на греење и електрична енергија.
Катарскиот министер за енергетика Ал-Каби на меѓународниот форум во Доха кон крајот на март рече дека на Европа и требаат пет до седум години за да го замени рускиот гас. Тој наведе дека пред почетокот на украинската криза, Катар очекувал да испорача 60 милиони тони природен гас (ТНГ) во Европа, а по зголемувањето на капацитетот до 2027 година на 126 милиони тони годишно.
Ал-Каби рече дека Катар е подготвен да учествува во обезбедувањето дополнителни залихи за ЕУ по барање на САД, но дека 85% од сегашниот извоз се долгорочни договори, главно со азиските земји.
Европскиот парламент ги повика сите земји од ЕУ да воведат ембарго на снабдување со енергенси од Русија, изјави шефицата на ЕП, Роберта Мецола. Во меѓувреме Блумберг повикувајќи се на извори блиски до „Газпром“ објави дека четири купувачи од Европа веќе платиле за рускиот гас во рубљи.