Според анонимен извор од „Газпром“ досега десет европски компании кои купуваат руски гас во „Газпромбанк“ отвориле сметки за плаќање во рубљи, а четири веќе платиле пари за испорачаниот гас
Европскиот парламент (ЕП) денеска ги повика сите земји од ЕУ да воведат ембарго на снабдување со енергенси од Русија, изјави шефицата на ЕП Роберта Мецола. Во меѓувреме Блумберг повикувајќи се на извори блиски до „Газпром“ објави дека четири купувачи од Европа веќе платиле за рускиот гас во рубљи.
„Европскиот парламент повикува на итно паневропско ембарго на снабдувањето со енергија под контрола на Кремљ. Време е еднаш засекогаш да ја прекинеме нашата зависност од автократите“,
напиша Мецола на Твитер.
Шефицата на ЕП вети поддршка на Бугарија и Полска во врска со одлуката на „Газпром“ да ја прекине испораката на гас за оние земји кои одбија да платат во рубљи.
На 26 април „Газпром“ испрати известување до компаниите увозници во Полска и Бугарија да го прекинат снабдувањето со гас на 27 април, бидејќи одбиваат да извршат конечни плаќања во руски рубљи. Ова следува откако на 23 март, рускиот претседател Владимир Путин нареди плаќањата за извозот на рускиот гас во „непријателските земји“ да се претвораат во рубљи, додавајќи дека Русија ќе одбие да прифати плаќања во други валути, вклучувајќи долари и евра.
Вечерва, Нова.рс објави дека четворица европски купувачи на руски гас платиле во „Газпромбанка“ во рубљи, повикувајќи се на информација објавена на Блумберг, кои се повикуваат се на извор близок до „Газпром“.
Без разлика на прекинот на испораката на гас за Полска и Бугарија, кои одбија да платат во рубљи, засега не се очекува тоа да му се случи на некој друг, бидејќи првиот рок за исплата е втората половина на мај, вели соговорникот на Блумберг кој сакал да остане анонимен, бидејќи се работи за доверливи информации.
Според него, досега десет европски компании кои купуваат руски гас во „Газпромбанк“ отвориле сметки за плаќање во рубљи, а четири веќе платиле пари за испорачаниот гас.
Купувачите на гас треба да ја платат сумата во договорената валута, главно во евра и долари, на посебна сметка во Гаспромбанк, а банката потоа го продава и го претвора во рубљи.