Потребата за отворање на Уставот за вметнување на Бугарите и другите народи веќе ги отвори апетитите на албанските партии, кои почнаа да лицитираат со свои барања и условувања. Тие повикаа да се тргне цензусот од 20 проценти во однос на албанскиот јазик
Првиот вицепремиер Артан Груби во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 најави дека ДУИ ќе се залага, освен за измена на Преамбулата, највисокиот правен акт да претрпи други посериозни измени и за тоа да се отвори сеопфатна општествена дебата
Премиерот Димитар Ковачевски сè уште не ја испратил поканата до лидерите на парламентарните партиите за средбата в понеделник во Собранието на РСМ. Од Владата во изјава за „360 степени“ потврдија дека таа ќе биде испратена во текот на денот. Целта на средбата, како што соопштија од владината прес-служба, е да се отвори дискусија за европската иднина на Република Северна Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус.
Ова секако подразбира отворање на Уставот и носење на потребните уставни измени за вметнување на Бугарите и другите народи во Преамбулата.
Потребата од носење на уставни измени за вметнување на Бугарите во Преамбулата минатата недела ја нагласи и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која на заедничката прес-конференција со премиерот Ковачевски, која се одржа во Владата по потпишувањето на договорот со Фронткес, изрази уверување дека политичарите ќе постигнат мнозинство и ќе гласаат позитивно.
„На билатералната средба зборувавме за оваа важна тема, за уставните измени. Сигурна сум дека луѓето од Северна Македонија ќе постигнат мнозинство и ќе гласаат позитивно за уставните измени. Постигнавте многу, минавте низ многу, бевте навистина успешни во напредувањето и сигурна сум дека тука во земјата ќе најдете убедливи аргументи за сите да сфатат дека сите се одговорни за учествување и за придонес кон тоа земјата да се движи напред. Зборувам за младите луѓе коишто имаат сон. Ги повикувам сите политичари да го остварат овој сон на младите луѓе“,
рече Фон дер Лајен.
Уставните измени ги отворија апетитите на албанските партии
Потребата за отворање на Уставот за вметнување на Бугарите и другите народи веќе ги отвори апетитите на албанските партии, кои почнаа да лицитираат со свои барања и условувања. Тие повикаа да се тргне цензусот од 20 проценти во однос на албанскиот јазик. Лидерот на Беса, Билал Касами, веќе ги повика на лидерска средба албанските партии за да се разговара на оваа тема.
„Една од главните точки на која се обврзавме е официјализирање на албанскиот јазик во РСМ, додека Уставот на државата има погрдна дефиниција за албанскиот јазик. Затоа иницирањето на состанокот на заедничката маса има за цел да го обедини албанскиот политички фактор со цел да се отстранат погрдните поими како што е случајот ‘20 отсто’ и да се дефинира албанскиот јазик во Уставот согласно нашите заеднички определби“,
се вели во повикот на Касами до шефовите на албанските политички партии, објави Алсат.
Албанскиот партнер во власта, ДУИ, сè уште јасно не прецизираше дали сега е вистинскиот момент да се бара тргање на формулацијата „20 отсто“. Првиот интегративец Али Ахмети во неделата по партискиот состанок рече дека дискутирале и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ дека во вистинскиот момент кога ќе има 80 гласа, „овој проблем може и да се поправи”.
Министерот за надворешни работи од редовите на ДУИ, Бујар Османи, пак, смета дека не станува збор за прашање кое ги засега само Албанците. Тој на прес-конференција во Скопје потенцираше дека колку што имаат интерес албанските партии, толку имаат и македонските политички партии од промената на овој начин на формулирање на „20 проценти“ бидејќи „ова довело до демографската трка во минатото“.
„Како што јас го штитам и го бранам македонскиот јазик, политичарите од македонскиот блок треба да го бранат албанскиот јазик во Уставот“,
истакна Османи.
Првиот вицепремиер Артан Груби во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 најави дека ДУИ ќе се залага, освен за измена на Преамбулата, највисокиот правен акт да претрпи други посериозни измени и за тоа да се отвори сеопфатна општествена дебата.
„Не само прашањето за Преамбулата, туку и други прашања, меѓу кои прашање за 20 отсто, цензусот за референдумот, начинот за избор на претседателот, на пример не на непосредни избори. Да отвориме широка општествена дебата и да направиме вистинска промена на Уставот со сите елементи, не само промена на Преамбулата со вметнување на бугарската, црногорската, хрватската и другите заедници. Не само отстранување на „20%“ и замена со албански јазик, ќе разгледаме и други работи“,
рече Груби.
И ВМРО-ДПМНЕ со свои барања
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ јасно го кажа својот став дека нема да поддржи уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски на оптимистичната изјава на еврокомесарката Фон дер Лајен, одговори:
„Ако мислат дека пратеничката група од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи овие уставни измени под овие услови и околности, еве јавно кажувам дека тоа нема да се случи. Ние имаме јасна позиција, а тоа е дека уставни измени под вакви околности, под вакви услови ние немаме намера да поддржиме“.
За барањата на албанските лидери за тргање на формулацијата „20 отсто“, Мицкоски порача: „Време е за нов договор за Македонија“.
„Aко мислите за таа норма од 20 отсто, многупати во минатото сум кажал, подготвен сум да седнам да разговарам со секого, но тоа е оној нов договор за Македонија за кој што треба да разговараме и за нормата ‘Бадентер’, за нормата ‘балансер’ и да имаме еден фер систем во Македонија каде што луѓето нема да напредуваат поради тоа што се дел од некаква си бројка или некаква си квота или некаков процент, туку затоа што вредат, затоа што се конкурентни, имаат знаење итн.“,
рече Мицкоски.
Неофицијално, од СДСМ велат дека измените на Уставот треба да бидат само со цел да бидат впишани Бугарите. Од партијата велат дека Ковачевски и Ахмети досега не разговарале за посеопфатни измени на Уставот.
Од партиите засега сè уште на излегле официјално со став дали ќе одат на лидерската средба в понеделник на која ги повикува премиерот Димитар Ковачевски.
Секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, синоќа рече дека на средбата треба да се разговара за предвремени избори, а не за уставни измени затоа што владата не е стабилна за да навлегува во таков процес.
„Главна тема на една таква лидерска средба би требало да биде за предвремени парламентарни избори бидејќи не гледаме дека Владата е стабилна за да може да отвора сериозни теми како промена на Устав“,
рече Андоновски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на новинарско прашање дали ќе оди на лидерската средба, денеска уште еднаш повтори дека тие како партија нема да поддржат уставни измени и дека сметаат дека сега не е време да се разговара за тоа.
„Уставните измени нема да им помогнат на граѓаните да го преживеат месецот. Сега не е време да разговараме за тоа. На оваа средба треба да се разговара за актуелните и реални проблеми предизвикани од економската и енергетската криза. Тие ако имаа мнозинство за уставните измени досега ќе ги изгласаа во Собранието. Но очигледно е дека немаат. Ако мислат дека насила ќе менуваат Устав како што тоа го направија со Преспанскиот договор, нема да се случи“,
рече Мицкоски.
Премиерот и минатата недела ги повика политичките партии да седнат на маса и да најдат заеднички јазик нагласувајќи дека според него добро е да се разговара за уставните измени со цел да се дојде до решение кое би било прифатливо за сите.
Тој во последните негови јавни настапи неколку пати повтори дека е добро што се отворила дебата во јавноста и оти е потребно да се седне на заедничка маса и да се разговара.
„Добро е што се разговара за уставните измени, гледате дека се отвори дискусија. Сметам дека тоа треба да биде процес кој се одвива како и досега, низ процедура која е пропишана со нашите закони. Штом ќе биде отворена таква процедура кога ќе се види дека има консензуална волја тоа да се направи, а гледам дека сите политички партии веќе имаат позитивен однос кон уставните промени, па дури и оние кои беа изречно против сега кажуваат дека врз основа на одредени услови би поддржале уставни промени. Сметам дека треба да се седне на маса, сите политички партии, да го кажат својот став во однос на уставните промени и да може на крајот да се дојде до решение кое ќе биде прифатливо за сите“,
изјави Ковачевски.