Академикот Камбовски вели дека ако искуството од изборите за нов шеф се покаже негативно, можеби треба правилата да се допрецизираат како на пример, за победник да се смета кандидатот што освоил апсолутно мнозинство од гласовите на обвинителите. Сепак, вели Камбовски, во случајот најважно е новиот шеф да работи законито и совесно бидејќи сите институции во наредниот период ќе бидат сериозно опсервирани со оглед дека се почнати преговорите со ЕУ
На новоизбраниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ќе му препорачувам доследно да се држи до законот затоа што како што видовме во досегашни случаи, што не било порано практика, доаѓа време на одговорност, не само политичка туку и казнена, кривична одговорност на се повисоки и повисоки скалила на државните функции.
Ваква порака до новиот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, денеска испрати академик Владо Камбовски, според кого со отворањето на преговорите за членство во ЕУ доаѓа крај на партизацијата на институциите.
Во ваква ситуација, според академикот, Абази ќе мора да ги гони сите што ја злоупотребиле власта.
„Ќе мора да ги гони, секој што ќе ја злоупотреби власта ќе мора да биде гонет. Јас мислам дека последните примери во последните пет години кога имавме гонење на премиери, високи функционери веќе покажува дека дојде крајот на политичката арбитрарност што владееше 30 години во Македонија и дека секој може да ја користи власта онака како што сака без страв од законот. Владеењето на правото значи страв од законот, не значи страв од народот. Народот на следни избори ќе те казни или не, но законот ќе те казни и во текот пред следните избори или независно од следните избори“,
вели Камбовски.
Абази за шеф на ОЈО ГОКК беше избран на 7 ноември, кога обвинителите од цела држава на непосредни избори гласаа за еден од четворицата кандидати. Ваквиот начин на избор се случи за првпат согласно новиот Закон за јавно обвинителство, но не помина без критики во јавноста. Абази, кој во пресрет на изборите, не излезе во јавност да се претстави со програма, откако ја доби довербата од најголем број обвинители и победи порача дека му е предизвик да раководи со ОЈО ГОКК и ги негираше гласините дека зад него стои политичката партија ДУИ.
- (ФОТО+ВИДЕО) Новиот шеф на ОЈО ГОКК тврди дека не е човек на ДУИ: Немам лични контакти со Ахмети
- (ФОТО) Новиот шеф на ОЈО ГОКК фатен во лага: Абази тврдеше дека нема контакти со функционери на ДУИ, а се фотографирал со Бејта и Бектеши
Камбовски одговарајќи на новинарски прашања денеска не сакаше да навлегува во тоа кој како го избрал Абази, но за процесот на избор посочи дека можеби ќе биде потребно да се сменат критериумите, како на пример да се воведе правило победник да биде обвинител што освои мнозинство од гласовите. Во случајот со Абази не беше така, тој имаше само најмногу гласови, но не и мнозинство од сите што гласаа. Тој освои 66, додека неговиот најголем ривал, скопскиот обвинител Ермон Незири имаше 64. Досегашната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, доби 14, а четвртопласирана со 10 гласа беше вишата обвинителка Деса Пауновска.
„Сигурно тие критериуми натаму треба да се развијат поаѓајќи од добро или лошо искуство. Сигурно и ова искуство ако биде оценето како негативно ќе треба натаму да се допрецизира, да се одреди да речеме дека ќе биде избран тој што добил апсолутно мнозинство од вкупниот број. За мене во овој конкретен случај е важно следното, човекот што е избран законито и совесно да си ја врши својата функција затоа што сите институции во наредниот период ќе бидат сериозни опсервирани дали ја остваруваат функција и одговорност на законит начин или не“,
рече Камбовски.
За евентуална промена на критериумите и правилата за изборите, вчера зборуваше и министерот за правда Никола Тупанчески.
„Ова е трет модел каде во нашата држава се обидуваме да стигнеме до вистинскиот модел во кој ќе бидат исклучени надворешните влијанија во однос на изборот на првиот човек на ОЈО ГОКК. Првпат јавните обвинители непосредно го бираат првиот човек, да не заборавиме Законот за ЈО беше консензуално донесен, беше прифатен од сите и практично моделот кој го тестиравме пред некој ден, според мене покажа одредени слабости. Она што можеби во иднина треба да се преземе е дека тој модел не е доизграден и сметам дека доколку бидат додадени некои дополнителни критериуми во однос на изборот мислам дека би стигнале до подобри резултати и пообјективен избор“,
рече вчера Тупанчески.