Постапката за избор на надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10, која се одржа на 15 септември 2022 г., беше јавна, транспарентна и со присуство на медиуми, велат од Јавното претпријатие за државни патишта по прозивките од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека премиерот Димитар Ковачевски и првиот вицепремиер Артан Груби го местеле тендерот за надзор на изградбата на Коридорите 8 и 10.
Од Јавното претпријатие велат дека изборот поминал и на Управна контрола, а до Државната комисија за жалби по јавни набавки биле поднесени две жалби кои Комисијата ги отфрлила. Воедно, велат, постапката и изборот беа согласно сите законски и подзаконски акти за јавни набавки и транспарентна од самиот почеток, а на тендерот биле доставени три понуди и тоа:
- INGEROP CONSEIL ET INGENIERIE“, Франција, како лидер на група понудувачи здружен со ЕГИС ИНТЕРНАЦИОНАЛ и МАТЕКА ИНЖЕНЕРИНГ ДОО,
- „IRD ENGINEERING SRL“, Италија, како лидер на група понудувачи, здружен со EPTISA SERVICIOS DE INGENIERIA SL-Шпанија, ЕЛЕКТРА КОНСАЛТИНГ ДОО, Скопје и ЕВРОКОНСАЛТИНГ ДОО Скопје, како членови на група понудувачи.
- „HIL INTERNATIONAL N.V. од Холандија како лидер на група понудувачи здружен со Градежен институт македонија АД Скопје како член на група понудувачи.
По отворањето на понудите, од ЈП велат следела постапка за нивна евалуација, и по разгледувањето на документацијата и комплетноста на понудите во предвидениот рок се извршил изборот на најдобриот понуден квалитет и понудена цена и за Надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридор VIII и Коридор X била избрана „IRD ENGINEERING“.
Соопштението на Јавното претпријатие за патишта доаѓа откако „Призма“ објави дека македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ, кој со помош на тројца македонски дипломати бил извлечен од Ерменија бидејќи против него имало истрага, е еден од сопствениците на „Евро консалтинг“ ДОО, како и фирмата за која работел во Ерменија, шпанската „Ептиса“, се дел од конзорциумот компании што го добија тендерот за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Ден по објавувањето на истражувањето, „Алсат“ објави дека обезбедиле два документи кои се донесени на владини седници, а според кои, Владата пред околу три години донела одлука со која на сите државни институции и општини им се забранува да ја ангажираат компанијата ,,Ептиса” на тендери вредни над 1 милион евра поради незаконско, неетичко и неодговорно постапување во надзорот на работите на пругата Куманово – Белаковце. Одлуката е донесена на седница на Владата одржана на 24 ноември 2020 година. Во оваа информација, според документите до кои дошла телевизијата, стои потписот на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, сега обвинет во случајот „Софтвери“ за кој во тек е судска постапка.
Десет недели подоцна, односно на 9 февруари 2021 година, Министерството за финансии е известено дека Владата донела одлука за укинување на одлуката одобрена на 24 ноември 2020 година, а институциите заедно со општините сега можат да доделуваат тендери со вредност над 1 милиони евра на фирмата на обвинетиот од ерменските власти – „Ептиса“.
По објавувањето на сториите на „Призма“ и „Алсат“, опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера објави информации за фирмата која ќе го врши надзорот за изградбата на коридорите 8 и 10-Д и како се менувани условите во тендерскиот повик, но и што е тоа што ја поврзува со лица и фирми кои претходно го добија истиот тендер, а беа поврзувани со руски капитал.
„Јавната набавка за избор на надзор и правен трансакциски советник на изградбата на автопат на коридорите 8 и 10-Д ја добива конзорциум предводен од шпанската фирма ‘Ептиса’, која заедно со уште две македонски фирми е избрана како најповолен понудувач, од која едната е ‘Електра солушн’, каде што потписник е Андон Ампов, син на Сотир Ампов, кој беше сопственик во една од фирмите дел од конзорциумот на ИГХ, првично избрани за вршење на работата“,
рече на прес-конференција Бојан Стојановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Стојановски упати прашање дали зад целата шема за добивање на тендерот од 22 милиони евра стојат луѓе блиски до власта.
„Ова прашање ечи особено ако се земе предвид фактот дека конзорциумот предводен од ‘Ептиса’ го добива тендерот, откако претходно конзорциум воден од ИГХ, а во чиј состав била фирма на извесен Сотир Ампов од Велес не доставила банкарска гаранција, а подоцна лично Груби се правдаше дека фирмата водела до ‘руски пари’ и дека е добро што пропаднал првиот тендер“,
додаде Стојановски.