Јавното обвинителство да не спие и веднаш да отвори постапка. Не може да се дозволи проект за изградба на два патни коридори за кои треба да се потрошат над една милијарда евра да помине под сомнение за криминал, а во меѓувреме додека ЈО се мисли, ние ќе продолжиме со објавување нови детали за оваа сомнителна шема во текот на утрешниот ден, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска објави информации за фирмата која ќе го врши надзорот за изградбата на коридорите 8 и 10-Д и како се менувани условите во тендерскиот повик, но и што е тоа што ја поврзува со лица и фирми кои претходно го добија истиот тендер, а беа поврзувани со руски капитал.
„Јавната набавка за избор на надзор и правен трансакциски советник на изградбата на автопат на коридорите 8 и 10-Д ја добива конзорциум предводен од шпанската фирма ‘Ептиса’, која заедно со уште две македонски фирми е избрана како најповолен понудувач, од која едната е „Електра солушн“, каде потписник е Андон Ампов, син на Сотир Ампов, кој беше сопственик во една од фирмите дел од конзорциумот на ИГХ, првично избрани за вршење на работата“,
рече на денешната прес-конференција Бојан Стојановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Стојановски упати прашање дали зад целата шема за добивање на тендерот од 22 милиони евра стојат луѓе блиски до власта.
„Ова прашање ечи особено ако се земе предвид фактот дека конзорциумот предводен од ‘Ептиса’ го добива тендерот, откако претходно конзорциум воден од ИГХ, а во чиј состав била фирма на извесен Сотир Ампов од Велес не доставила банкарска гаранција, а подоцна лично Груби се правдаше дека фирмата водела до ‘руски пари’ и дека е добро што пропаднал првиот тендер“,
додаде Стојановски.
Сега, додаде тој, во конзорциумот кој ја добива работата ја нема велешката фирма на таткото Ампов, но ја има фирмата на синот Ампов. Според Стојановски, се отвора сомнеж дека преку фирмите на поврзани лица составен дел од двата конзорциуми трагите водат до врвот на политиката во Македонија. За одговор на ова прашање, Стојановски рече дека мора да се потруди Јавното обвинителство, кои не смеат да останат неми на толку голем број случајности.
„Јавното обвинителство да не спие и веднаш да отвори постапка. Не може да се дозволи проект за изградба на два патни коридори за кои треба да се потрошат над една милијарда евра да помине под сомнение за криминал, а во меѓувреме додека ЈО се мисли, ние ќе продолжиме со објавување на нови детали за оваа сомнителна шема во текот на утрешниот ден“,
додаде тој.
Според Стојановски „Ептиса“ не е фирма која е непозната за македонските власти.
„На 30 септември 2020 година на седница на Влада е донесена Одлука со која Владата носи заклучок и препорака до сите државни институции и општини кои реализираат капитални инвестиции поголеми од 1 000 000 евра во денарска противвредност да не ја ангажираат шпанската фирма ‘Ептиса’, од причини што истата неетички, незаконски и несоодветно постапила како надзор во поглед на првата фаза од изградбата на железничката пруга Куманово – Бељаковце“,
рече Стојановски.
Една година подоцна, додаде тој, на 16.11.2021 година, Министерството за транспорт и врски издава Потврда за проектирање и надзор на градби во Република Македонија, а се однесува на прва и втора категорија на градби, во кои спаѓаат токму железнички пруги, станици, патишта и други примарни инфраструктурни објекти, односно токму за она за што Владата во 2020 година носи одлука да се забрани ангажирање на „Ептиса“ од страна на државните институции, органи и општини.
„Која е причината поради која е променета одлуката на Владата и е дозволено ‘Ептиса’ да може да работи во Македонија, иако претходно е утврдено дека истата постапила неетички, незаконски и несоодветно во надзорот на изградбата на железничката пруга Куманово – Бељаковце? Што се сменило за една година, па ‘Ептиса’ од фирма која ги прекршила законите, работела неетички и несоодветно, станува главен играч на власта?’,
додаде Стојановски.