Бугарското здружение „Цар Борис Трети“ од Охрид минатата недела веќе поднело барање до Централниот регистар за промена на името, што не е случај и со бугарскиот центар „Иван Михајлов“ во Битола
Во пресрет на денешното истекување на рокот за преименување на бугарските клубови, министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера оствари средба со Ѓорѓи Трендафилов и со Љупчо Георгиевски, претставници на организации на бугарската заедница во Северна Македонија. Од Османи побарале заедно со него да се обидат да посредуваат во смирување на тензиите на релација Скопје-Софија, зашто според нив во ваква експлозивна атмосфера е невозможно да се носат квалитетни и рационални политички решенија
Рокот за преименување на здруженија во земјава чии имиња се поврзани со фашизам, нацизам или геноцид истекува денеска. Ова е предвидено во законските измени кои лани во ноември беа поддржани и од власта и од опозицијата, според кои, ваквите здруженија имаа рок од три месеци да го усогласат своето име или назив. Во спротивно, предвидено е нивно затворање.
Бугарското здружение „Цар Борис Трети“ од Охрид минатата недела веќе поднело барање до Централниот регистар за промена на името, што не е случај и со бугарскиот центар „Иван Михајлов“ во Битола.
„360 степени“ вчера се обиде да стапи во контакт со претседателот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Томе Блажевски, со цел да дознаеме кое ќе биде новото име на клубот, но неуспешно.
Собранието на почетокот на ноември минатата година ги усвои измените на Законот за здруженија и фондации според кои се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл.
Законот за здруженија и фондации предвидува дека одобрение за употреба на име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност, дава министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење од Комисијата за употреба на имињата на историски личности, а која ја формира самиот министер.
Законските измени имаат и ретроактивно значење, односно предвидуваат дека сите досега формирани организации, здруженија, фондации, сојузи итн. имаат рок од три месеци да го усогласат своето име или назив согласно законските прописи.
Во пресрет на денешното истекување на рокот за преименување на бугарските клубови, министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера оствари средба со Ѓорѓи Трендафилов и со Љупчо Георгиевски, претставници на организации на бугарската заедница во Северна Македонија.
На средбата, како што соопшти МНР, се разговарало за прашања што ја засегаат бугарската заедница во Северна Македонија, за предизвиците со кои се соочуваат здруженијата, како и за можностите за подиректна и поинтензивна соработка со државата.
Трендафилов и Георгиевски од Османи побарале заедно со него да се обидат да посредуваат во смирување на тензиите на релација Скопје-Софија, зашто според нив во ваква експлозивна атмосфера е невозможно да се носат квалитетни и рационални политички решенија.