Пазарната инспекција и Министерството за внатрешни работи во заедничка акција синоќа во ресторан во Глумово затекнале околу 300 гости кои присуствувале на свадба, што е спротивно на здравствените протоколи за спречување на ширењето на ковид-19, соопштија од МВР.
Според првичните информации, акцијата е спроведена пред 21 часот, а по упадот на полицијата свадбата е прекината.
Повеќе детали се најавени во текот на денот.
Здравствените и инспекциските власти од почетокот на пандемијата апелираат да не се одржуваа поголеми собирања, а за заштита на здравјето на населението, забранети се свадби и други семејни веселби.
Министрите и инспекторите постојано предупредуваат дека ваквите собири се кластери за нови заразени, но и покрај тоа во јавноста се појавија повеќе случаи на забави и веселби, како што беше случајот со локалот „Мош“.
Со измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, кои Владата ги усвои минатата недела, инспекциските служби добиваат поголеми овластувања за надзор и за санкционирање на фирми и физички лица при прекршување на протоколите за заштита од ковид-19.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски се пожали дека немаат доволно инспектори и нагласи дека Министерството за финансии го одбило барањето за 20 вработувања во ДПИ.