Нетанјаху се враќа на власт по година и пол поминати во опозиција откако неговата претходна влада беше соборена од тогашната опозиција и од дел од неговите коалициски партнери
Лидерот на десничарската конзервативна партија Ликуд, Бенјамин Нетанјаху, денеска по шести пат стана премиер на Израел.
Парламентот составен од 120 пратеници со 66 гласа „за“ и 54 „против“ денеска ја избра новата владата за која Нетанјаху постигна договор по неочекувано тешките преговори со верските и екстремнодесничарските партии кои траеја неколку недели. Новата влада, според западните медиуми, е најдесничарската во историјата на Израел.
Новата влада ја сочинува коалиција од пет партии, ќе има 31 министер и четири заменик-министри. Новите владини членови, веднаш по изгласувањето во парламентот, дадоа заклетва, а Нетанјаху вети дека неговата Влада ќе донесе политичка стабилност во земјата по пет последователни изборни циклуси за помалку од четири години.
Како приоритети кои беа најавени на новата влада се длабински реформи на правосудството, ширење на еврејските населби и можна анексија на Западниот Брег на што критичарите реагираат дека тоа ќе го продлабочи конфликтот со Палестинците.
Помеѓу поистакнатите имиња во израелската јавност кои станаа дел од новата влада се Јоав Галант (64) како министер за одбрана, кој ја започнал својата воена служба како нуркач во морнарицата. На нова функција се враќа Бецалел Смотрич (42) кој претходно беше министер за транспорт, а сега ќе го предводи ресорот финансии. Вети дека ќе се залага за слободни пазари. За министер за стратешки работи, пак, е избран Рон Дермер (51), поранешен амбасадор во Вашингтон, кој беше клучна фигура во зајакнувањето на односите на Израел со Обединетите Арапски Емирати и Бахреин во дипломатската иницијатива во 2020 година.
Од редовите на коалициските партнери, пак, во новата влада ќе се најдат Ари Дери (63) како министер за внатрешни работи и за здравство. Тој е ултраортодоксен рабин, лидер-ветеран на Шас, поддржан од религиозни Евреи со потекло од Блискиот Исток. Тука е и новиот министер за станбена политика – Јицак Голдкноп (72), кој има поддршка од религиозните Евреи со европско потекло.
Нетанјаху се враќа на власт по година и пол поминати во опозиција откако неговата претходна влада беше соборена од тогашната опозиција и од дел од неговите коалициски партнери.
Тој тогаш не замина тивко од власт. Ги обвинуваше противниците за предавство на гласачите и се жалеше дека е жртва на заговор, но и порача дека неговата партија ќе се врати на власт и тоа под негово раководство. Тој тогаш ја напушти премиерската позиција соочен со судски процеси за корупција, проневера и злоупотреба на моќ во серија скандали.