Нетанјаху, кој победи на изборите во ноември, треба да го одработи историскиот шести мандат како премиер. Како што пишува Би-би-си, договорената нова влада веќе се смета за најдесничарската во историјата на Израел и го запечати враќањето на Бенјамин Нетанјаху на власт
Бенјамин Нетанјаху, најдолговечниот премиер во историјата на Израел, објави дека постигнал договор за формирање нова влада, по неколкунеделни неочекувано тешки преговори со верските и екстремнодесничарските партии.
„Успеав да формирам влада“,
напиша Нетанјаху на Твитер, неколку минути пред крајниот рок на полноќ што го постави претседателот Исак Херцог.
בזכות התמיכה הציבורית העצומה לה זכינו בבחירות האחרונות, עלה בידי להקים ממשלה שתפעל לטובת כל אזרחי ישראל 🇮🇱❤️ pic.twitter.com/ijtDppkaSm
— Benjamin Netanyahu – בנימין נתניהו (@netanyahu) December 21, 2022
Како што пишува Би-би-си, договорената нова влада веќе се смета за најдесничарската во историјата на Израел и го запечати враќањето на Бенјамин Нетанјаху на власт.
Нетанјаху, кој победи на изборите во ноември, треба да го одработи историскиот шести мандат како премиер.
Неговата коалиција вклучува екстремно десничарски партии, вклучително и една чиј лидер беше осуден за антиарапски расизам.
Палестинците стравуваат дека новата влада ќе ја зајакне и израелската власт на окупираниот Западен Брег.
Коалициските партнери на Нетанјаху ја отфрлаат идејата за решение со две држави за израелско-палестинскиот конфликт – меѓународно поддржана мировна формула која предвидува независна палестинска држава на Западниот Брег заедно со Израел, со Ерусалим како нејзин заеднички главен град.
Лидерот на Верската ционистичка партија, која е во сојуз со две други екстремнодесничарски партии, го освои третото место по број на места во парламентот.
Израел ги окупираше Западниот Брег, Источен Ерусалим и Појасот Газа во војната во 1967 година. Повеќе од 600 000 еврејски доселеници живеат во Источен Ерусалим и на Западниот Брег. Населбите во кои живеат се сметаат за нелегални според меѓународното право, иако Израел го оспорува тоа. Израел ги повлече своите доселеници и војници од Појасот Газа во 2005 година.
Израелските опозициски политичари, како и јавниот обвинител на земјата, предупредија дека реформите планирани од новата влада, вклучително и давање право на пратениците да ги поништат одлуките на Врховниот суд, се закануваат да ја поткопаат израелската демократија.
Коалициските партнери, исто така, предложија правни реформи кои би можеле да го прекинат тековното судење на Нетанјаху, кој е обвинет за поткуп, измама и нарушување на довербата.
Нетанјаху ги негираше ваквите наводи од обвинението.
Израелската опозиција и групите за граѓански права изразија особена загриженост поради вклучувањето на екстремната десница во новата влада.
Лидерот на партијата „Отзма Јехудит“ (Еврејска моќ), Итамар Бен-Гвир е познат по своите антиарапски коментари и повика на олабавување на правилата за тоа кога безбедносните сили можат да отворат оган во случај на закана. Откако беше осуден за поттикнување расизам и поддршка на терористичка организација, тој треба да стане министер за национална безбедност со овластувања над полицијата во Израел и на Западниот Брег.
Друг екстремно десничарски партнер во владата, Ави Маоз од анти-ЛГБТ партијата Ноам, повика на забрана на настаните како Парадата на гордоста во Ерусалим, не одобрува еднакви можности за жените во војската и сака да ја ограничи имиграцијата во Израел на Евреите под строго толкување на еврејскиот закон.
Нетанјаху ги обвини критичарите за поттикнување страв и вети дека ќе го зачува статус квото.
„Ќе имам две раце цврсто на воланот. Нема да дозволам никој да направи ништо против ЛГБТ или да им ги ускрати правата на нашите арапски граѓани или нешто слично, тоа едноставно нема да се случи. И тестот на времето ќе го докаже тоа “,
изјави Нетанјаху за американската телевизија НПР минатата недела.