Нетанјаху лани не замина тивко од власт иако беше соочен со судски процеси за корупција, проневера и злоупотреба на моќ. Тој ги обвинуваше противниците за предавство на гласачите и се жалеше дека е жртва на заговор, но и порача дека неговата партија ќе се врати на власт и тоа под негово раководство
По околу една година и четири месеци откако беше соборен од власт, поранешниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху е на пат да победи на изборите, покажуваат излезните анкети.
Ова, како што го нарекуваат западните медиуми, би бил драматичен камбек откако тој претходно 12 години владееше со Израел, а по ланското уривање на неговата влада ретко кој му предвидуваше враќање во врвот на политиката.
Официјалните резултати се очекуваат во наредните неколку часа, но излезните анкети вообичаено точно го предвидуваат исход. Според нив, десничарскиот блок на политичките партии, меѓу кои најголемата е Ликуд на Нетанјаху, иако „тенко“, ќе освојат мнозинство пратенички мандати.
Проекциите на израелската државна телевизија се дека тие би имале 61 или 62 пратеника во 120-члениот Кнесет (парламентот).
„Изгледа дека можеме да бидеме оптимисти и да се надеваме дека ќе добиеме стабилна коалиција со Биби (прекарот на Нетанјаху) како премиер. Но, со оглед на тоа што се случуваше изминатите три години, ништо не е сигурно додека не се формира коалиција“,
изјавија од штабот на партијата Ликуд на Нетанјаху, пренесува Би-би-си.
Излезните анкети предвидуваат дека од десничарските партии, Ликуд ќе биде најголемата со 30 или 31 мандат, а негов најголем коалициски партнер се очекува да бидат ултранационалистите на кои им се предвидуваат 14 пратенички мандати што ќе ги направи трета политичка сила во парламентот.
Втора најголема парламентарна партија со 24 мандати, пак, ќе биде централно-левичарската на актуелниот премиер Јаир Лапид кој лани во јуни создаде „неверојатен“ сојуз од идеолошко различни партии за да го собори Нетанјаху. Доколку се потврдат проекциите, сега тој ќе замине во опозиција.
Изборни резултати со кои Нетанјаху и неговите партнери ќе го освојат мнозинството ќе ја спречи можноста од продолжување на политичката криза и одржување на шести избори за само четири години кои претходно често завршуваа или со неможност да се формира нова влада или со влада на единство што траеше само неколку месеци.
Нетанјаху лани не замина тивко од власт. Ги обвинуваше противниците за предавство на гласачите и се жалеше дека е жртва на заговор, но и порача дека неговата партија ќе се врати на власт и тоа под негово раководство. Тој тогаш ја напушти премиерската позиција соочен со судски процеси за корупција, проневера и злоупотреба на моќ во серија скандали.