Доколку утре се изгласа доверба на коалицијата „Промена“, која ги обединува партиите на левицата, центарот и десницата и една арапска формација, Нафтали Бенет ќе ја преземе премиерската функција за две години, по што ќе биде заменет со Јаир Лапид од партијата на центарот
Пеејќи „Биби чао“ на мелодијата на италијанската револуционерна песна „Бела чао“, околу 2 000 Израелци излегоа на улиците вечерва да ја прослават „победата“ пред очекуваниот крај на владеењето на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Демонстрантите беа собрани на дваесетина метри од официјалната резиденција на Нетанјаху, чиј прекар е Биби, во центарот на Ерусалим. Израелците речиси една година демонстрираа пред резиденцијата на Нетанјаху, барајќи негово заминување. Нему му се суди за корупција, проневера и злоупотреба на моќ во серија скандали.
Вечерашниот собир може да биде последен, бидејќи парламентот треба да се состане утре и да гласа за доверба на коалицијата „Промена“, која ги обединува партиите на левицата, центарот и десницата и една арапска формација.
Според условите на договорот за коалиција, Нафтали Бенет ќе ја преземе премиерската функција за две години, по што ќе биде заменет со Јаир Лапид од партијата на центарот.
„Ова е нашата последна сабота на плоштадот Балфур. Ние победивме. Утре, Кнесетот (Парламентот) ќе одржи гласање и овој премиер ќе замине“,
изјави еден од демонстрантите.
Демонстрантите свиреа на вувузели, тапани, и носеа маици со порака „Нетанјаху оди си“ на хебрејски.
Сепак, има и такви кои велат дека се плашат дека премиерот, кого некои го нарекуваат политички магионичар, може да извади некој „ас од ракавот“ и да остане на власт.
Лидерот на израелската партија Центар за иднината (Јеш Атид), мандатарот за нова влада, Јаир Лапид, потпиша коалициски договори со две партии, десничарската „Израел нашиот дом“ (Израел Бејтен) и партијата на израелските Арапи Рам, со што се приближи до коалиција од осум партии која се очекува да даде заклетва в недела.
Доколку на коалицијата, наречена влада на промени, претходно и се изгласа доверба во парламентот, тоа ќе означи крај на владеењето на Нетанјаху.
Новата влада е поддржана од осум од 13 партии избрани во парламентот на изборите на 23 март.
Се очекува за неа да гласаат 61 од 120 пратеници во Кнесетот.
Нетанјаху, чии денови на власт по 12 последователни години и вкупно 15 години, се чини дека не се избројани, не ја напушта политичката сцена тивко, туку ги обвинува своите противници за предавство на гласачите, поради што на некои поединци им е потребна посебна заштита, според Асошиејтед Прес . Тој тврди дека е жртва на заговор „длабока држава“.