Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски по средбата со делегацијата на Венецијанската комисија наведе дека очекува Комисијата изготви стручно, независно и објективно мислење, кое, како што вели, ќе даде значаен придонес во понатамошната расправа во Собранието за предлог измените на Законот за правосудниот испит
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, во куса објава на Фејсбук соопшти дека на средбата што ја имал со претставниците на Венецијанската комисија било разговарано за актуелните прашања поврзани со работата на Собранието и владеењето на правото
Делегација на Венецијанската комисија денеска во Собранието оствари средба со претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши, како и одвоени средби со координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ, Влен, СДСМ, Левица и „Европскиот фронт“, предводен од ДУИ.

По средбата, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, преку објава на социјалните мрежи соопшти дека разговорите се дел од подготовката на мислењето на Комисијата за предложените измени на Законот за правосудниот испит.
Мицевски, во тој контекст, наведе дека заедно со претставниците на нивните коалициски партнери од Влен и ЗНАМ ги претставиле нивните ставови и аргументи во однос на предложените законски измени. Тие, како што наведе Мицевски, одговарале и на прашањата и дилемите отворени од страна на делегацијата.
„Сметаме дека ваквиот дијалогот со меѓународните институции и отворената размена на аргументи се важен дел од процесот на унапредување на законските решенија и јакнење на владеењето на правото“,
напиша координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на Фејсбук.
Тој наведе дека очекува Венецијанската комисија да изготви стручно, независно и објективно мислење, за кое оцени дека ќе даде значаен придонес во понатамошната расправа во Собранието.
„Секое релевантно мислење и препорака ќе бидат внимателно разгледани и земени предвид во текот на парламентарната постапка“,
порача Мицевски.
Дека остварил средба со делегацијата на Венецијанската комисија, преку објава на Фејсбук информира и координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски. Во кусата објава тој вели дека на средбата било разговарано за актуелните прашања поврзани со работата на Собранието и владеењето на правото.
Разговорите во Собранието следуваат откако министерот за правда Јетон Шасивари вчера пред известителите на Венецијанската комисија го претстави предложениот модел за полагање на правосудниот испит.
Според соопштението за средбата, Шасивари ги образложил уставната и законската основа на иницијативата, правната аргументација зад предложениот модел, како и консултативниот процес што бил спроведен со претставници на правните факултети, деканите и студентските организации. Како што порачал тој, целта на барањето мислење од Венецијанската комисија е да се обезбеди независна, објективна и стручна правна оценка за решение кое ќе биде уставно, правно одржливо и усогласено со европските стандарди.
„Целта на предложеното решение е обезбедување еднаков пристап до правосудниот испит за сите кандидати, без притоа да се доведат во прашање професионалните критериуми, квалитетот и интегритетот на испитот. За нас, ова прашање не е прашање на политички натпревар, туку прашање на еднаквост пред законот, еднакви можности и доследно почитување на професионалните стандарди“,
порачал министерот за правда пред известителите.
Шасивари притоа истакнал дека Министерството за правда ја цени експертизата на Венецијанската комисија и останува отворено за нејзините препораки и предлози, оценувајќи дека институционалниот дијалог и стручната правна анализа се најдобриот пат за изнаоѓање одржливо решение.
Инаку, Владата на 10 ноември ја усвои потребата од добивање итно мислење од Венецијанската комисија за предложениот модел. Според соопштението, моделот предвидува единствен систем на полагање со еднакви услови и исти професионални критериуми за сите кандидати, без посебни испити или различни стандарди.
Прашањето за начинот на полагање на правосудниот испит предизвика и политички бранувања во редовите на владејачката гарнитура откако лидерот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски. во телевизиско гостување рече дека неговата партија ќе ја напушти власта доколку правосудниот испит се полага на друг јазик освен македонскиот.
Против предложеното решение е и опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), чиј лидер Али Ахмети неделава имаше отворена препсика со министерот за правда Јетон Шасивари и партијата Влен. Според интегративците, моделот што се предлага е спротивен на духот на Охридскиот рамковен договор и на одредбите од Законот за употреба на јазиците.
