Во државата има околу 120 респираторни машини од кои речиси 90 се во Скопје, информира министерот за здравство Венко Филипче. Дополнителна опрема и легла за пациенти ќе стават на располагање и приватните болници.
Сите доктори од приватните болници ќе се мобилизираат и ќе работат координирано со државните клиники за справување со коронавирусот. Се одложуваат прегледите и се испраќаат дома пациентите со хронични болести кај кои може да се одложи медицинската интервенција, а ќе се третираат само итни случаи и луѓе со малигни заболувања.
„Целиот медицински персонал во сите јавноздравствени и приватните установи ги мобилизираме и ставаме на располагање согласно оперативниот план да работат таму каде што ќе биде потребно. Сакам да изразам благодарност до приватните клиники за тоа што своите капацитети, како легла и респираторни машини, ги ставија на располагање “,
изјави Филипче.
Детската болница во Козле ќе се подготви да прими заболени деца од коронавирусот, а сите хоспипталирани во моментов ќе бидат префрлени на Клиниката за педијатрија.
Филипче информираше дека назначен е и координатор на Службата за инфективни болести во Дебар, кој ќе престојува во кризните подрачја и ќе ја организира работата на докторите со заболените пациенти.
Поврзана вест:
Филипче: Седум нови лица се тестираат за коронавирус, меѓу нив и две бремени жени од Дебар