Министерот за здравство, Венко Филипче, на прес-конференција соопшти дека седум нови лица се тестираат на коронавирус, меѓу кои и две бремени жени од Дебар, со симптоми на настинка. Резултатите се очекуваат.
Станува збор за пациенти од Штип, Куманово, Тетово и Кичево, кои престојувале во Швајцарија, Австрија и Германија. Неколку дена по враќањето развиле повисока телесна температура, а сега се во одделите за изолација во локалните болници. Има и едно лице од Охрид меѓу новотеститраните, но за него Филипче не соопшти ништо друго специфично.
Едната бремена жена од Дебар е префрлена во изолација во Охрид, а другата е во Скопје. И двете се во стабилна состојба, но медицинските власти сакаат да ги подготват соодветно за породување, иако се уште не се во таа фаза. И за нив се чекаат резултатите од тестирањето.
Филипче рече дека сите 13 пациенти на Инфективната клиника во Скопје се во стабилна состојба, идентична на вчерашната. Само една пациентка е на механичка вентилација, со значајно подобрување, но без можност да се предвиди развојот. Сите други се со лесна слика, вклучувајќи го и 15-годишното момче.