На претходните рочишта, пак, сведочеа вештаци од Судска медицина кои како најсериозни ги издвоија повредата на ’рбетниот мозок и нагмечувањето на големиот мозок. Сепак, рекоа дека првата била фатална и доколку не била повредата на ’рбетниот мозок, односно имало само нагмечување на големиот мозок, хрватскиот ракометар би има поголеми шанси да преживее
Лекари од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) денеска сведочеа во судскиот процес за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот (27) пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје ноќта од 6 кон 7 април, за што обвинети се три лица.
Нивното сведочење е по предлог на одбраната, откако на минатите рочишта сведочеа лекарите од Судска медицина кои ја правеле обдукцијата и заклучиле дека фаталната повреда на младиот Хрват била повреда на ’рбетниот мозок.
Лекарките кои го лекувале на КАРИЛ, пак, денеска сведочеа дека тие немале можност да утврдат која била главната причина, но и дека дури и да занеле за повредата на ’рбетниот мозок немало ништо да промени во начинот на лекување.
„Дури и да ја знаевме повредата на ’рбетниот мозок, курсот на лекување ќе остане ист“, рече докторката Маја Мојсова-Миовска од КАРИЛ,
пренесе МИА.
Таа кажа дека учествувала во лекувањето на Тот на 7 април, како и наредниот ден кога тој почина. Според неа причината за смртта генерално е престанок на работа на срце или на дишење.
„За жал ние сме анестезиолози и немаме алатка којашто може да ни даде увид во тоа која е главната причина за смртта, ние во тој момент немавме податок“,
рече таа.
Прашана какви надворешни повреди биле забележан при приемот, одговори дека на видливите регии не успеале да видат нешто што ќе ја објасни состојбата на престанок на работа на срце и престанок на дишење.
„До моментот кога пациентот почина немавме никаков податок што се случило со тој пациент“,
рече таа.
Во судница денеска сведочеше и нејзината колешка од КАРИЛ, Билјана Андоновска, која кажа дека Тот бил донесен без значи на живот и без срцева акција, па затоа во третманот е пристапено кон основно и напредно одржување во живот.
Прашана за причината за смртта, таа одговори дека немале изведено заклучок.
„Првичната информација беше дека колабирал во кафич, се спровела долга реанимација, беше спроведена компјутерска дијагностика, беа повикани сите специјалности за коишто мислевме дека можат да помогнат, беа направени низа биохемиски и микробиолошки анализи, пациентот во текот на целото лекување беше респираторно и хемодинамски поддржан“,
рече таа, дополнувајќи дека со оглед на нејаснотиите за причината за смртта, пациентот бил испратен на Судска медицина.
На прашање дали повредата на ’рбетниот мозок им била позната, таа одговори дека според првичната дијагностика што била направена, како што рече „немале таков опис во документацијата којашто ја имале на увид“.
За потсетување, вештаците од Судска медицина покрај повредата на ’рбетниот мозок, како една од најсериозните го посочија и нагмечувањето на големиот мозок. Сепак, рекоа дека првата била фатална. Доколку не била повредата на ’рбетниот мозок, односно имало само нагмечување на големиот мозок, како што сведочеа, Хрватот би има поголеми шанси да преживее. Според нивната експертиза, до фаталната повреда дошло од ротационите движења предизвикани од ударите кои му ги нанеле обвинетите во пределот на главата.
На денешното рочиште, пред да се започне со сослушување на сведоците кои ги предлагаат тројцата обвинети со нивните адвокати, обвинителката Тања Трајчевска во судница презентираше материјални докази – рендген снимки од оштетениот Денис Тот изготвени од Судска медицина.
Тројцата обвинети за убиството на Тот се: Анџело Ѓоргиевски (28), Клементина Левковска (19) и Андреј Костовски (19).
На минатите рочишта во судница се сослушаа и други сведоци, а странките дадоа и воведни зборови. На рочиштето на 14 септември дојде и таткото на Денис, Игор Тот, кој порача дека очекуваат да се дознае вистината, да се види дали обвинетите се виновни и, ако се виновни, да има соодветна казна.
Пред неговото сведочење, пак, воведни зборови дадоа тројцата обвинети. Во кратките излагања пред судот тие порачаа дека никој од нив не сакал да се случи тоа. Нивните адвокати, пак, настапија со теза дека овој кривично-правен настан не може да се квалификува како убиство бидејќи не постоела умисла.
Обвинителката Тања Трајчевска, пак, прва ги кажа воведните зборови и го опиша кобниот настан. Расправијата на тројцата обвинета со ракометарот започнала во такси-возило, а потоа продолжила и надвор од него. Преминала во физичка пресметка во која Тот се здобил со повеќе удари, прво тупаници од кои паднал на асфалтот. Додека лежел, пак, според обвинителството, добил повеќе удари и со нога и со рака по главата и телото. Од тешките повреди Тот паднал во коматозна состојба, кај него било констатирано и нагмечување на мозокот, дошло до прекин на активноста на мозочните неврони, а сето тоа наредниот ден (8 април) резултирало со смрт.