Во Скопје завршена е реконструкцијата на студентскиот дом „Стив Наумов“, а при крај е на „Кузман Јосифовски – Питу“. За уште седум други домови низ земјава или тече постапка за избор на изведувач или, пак, треба наскоро да се распише тендер. Проектот го води Министерството за образование, а помагаат и финансиерите – Германската развојна банка KfW и Европската Унија
Освен на стандардот на живот, реконструкцијата е фокусирана на енергетска ефикасност на студентските домови, кои во најголем дел потекнуваат од 50-ите и 60-ите години од минатиот век. Тие ќе трошат далеку помалку енергија и со тоа ќе ја заштитуваат и животната средина. Новите стандарди, сепак, ќе значат и намалување на бројот на легла
Не беше толку одамна кога од оџакот на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје излегуваше црн чад во зимските денови, а медиумите објавуваа написи со наслови како – „Кузман ги отру скопјани“.

Делото не беше со умисла да се наштети некому. Едноставно, греењето за студентите во зградата во Центар направена во 50-ите години од минатиот век беше на мазут.
Но, претстојната зима „Кузман“ нема да го загадува Скопје. Првично, затоа што во него нема студенти. Не работи. Но, така ќе остане и кога повторно ќе биде пуштен во употреба, (најверојатно) од следната година.
Подобро доцна отколку никогаш
Котелот за мазут на студентскиот дом во центарот на Скопје е исчистен и запечатен. Зградата е поврзана на централно греење, а на покривот има мала фотоволтаична централа. Вградени се „фенкојлери“. Така кажуваат претставници на градежната компанија „Страбаг“, додека во обиколка низ домот водат група новинари и претставници на домашни и меѓународни институции.
Веќе трета година зградата е активна градежна зона. Целта е да се подобрат условите за студентите, но притоа да се воведат највисоките можни стандарди за енергетска ефикасност. Освен активните механизми за ладеење и греење, тука се и трослојните прозорци, новата изолација и инсталации, нови врати и фасада.
Зафатите во енергетската ефикасност и стандардот на живеење во домот значат и дека значително ќе се намали капацитетот на легла. Но, од друга страна, кога нема студенти во летниот период, ќе работи и како хостел. Една од целите е домот никогаш повторно да не се претвори во „дупка без дно“, туку да биде економски поодржлив.
Пет години планирање
Во „Кузман Јосифовски – Питу“ се вршат завршните градежни работи. Во студентскиот дом „Стив Наумов“ во скопска Автокоманда се е готово. Најавите се дека веќе на крајот на месецот ќе се случи и промоцијата. Каква врска имаат „Кузман“ и „Стив“? Двата објекти се дел од првата фаза на иста приказна. Целото име и е „Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови и ресурсните центри во Северна Македонија“.
Првите пари за оваа намена се обезбедени уште во 2019 година, што неминовно го наметна прашањето – зошто биле потребни седум години за да се обноват само два дома? Еве само дел од пречките со кои се сретнале прво проектантите, а потоа и изведувачите: никој не ги чува оригиналната документација и проекти од времето кога се градени објектите; во Агенцијата за катастар имало впишано стотици квадрати кои не постојат таму каде се впишани, а се изоставени стотици квадрати од места каде ги има; добивањето одобренија оди споро, и така натаму и така натаму. Само затоа што парите стоеле на сметка, без да се трошат, земјава има платено околу 120 000 евра на име провизии, објавивме уште во мај 2023 година. За жал, тоа е „ситно“ споредено со милионите евра кои секоја година ги плаќа земјата за подигнати, а неповлечени кредити.
Реализација
Да се вратиме на темата. Позитивното во случајот со студентските домови е што фазата на претпроектирање е надмината и реконструкцијата на домовите веќе е навлезена во „работна фаза”. А ги има вкупно три и опфаќаат девет студентски дома, еден ученички и шест ресурсни центри:
Фаза 1 опфаќа два дома: „Стив Наумов“ во Скопје, каде што наскоро се очекува завршување и предавање на објектот во употреба; „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје, кој треба да биде завршен најдоцна до крајот на годината.
Фаза 2 опфаќа седум домови, со тендери во завршна фаза, а наскоро се очекува да започнат реконструктивните активности и во „Никола Карев“ во Охрид.
Фаза 3 ги опфаќа ресурсните центри и ученичкиот дом, а проектирањето започна во април оваа година. Проектот се очекува да биде завршен во 2031 година.
Проектот го води Министерството за образование. Парите се од повеќе извори:

Претставникот на Министерството за образование рече дека станува збор за најголема инвестиција во студентското сместување во земјава во последниве неколку децении.

„Нашата цел е јасна. Сакаме да создадеме современи, модерни и инклузивни образовни системи затоа што секој студент, секој ученик, заслужува да има подобри услови за развој во образованието“,
изјави Дамјан Стојковски од Проектната единица при Министерството за образование.
Фактот дека проектот се реализира со комбинирани финансии, значи и зајакнат надзор од надвор и помош во проектирањето. Студентските домови во Охрид, Прилеп, Штип и домот „Томе Стефановски Сениќ“ во Скопје ќе бидат обновени според стандард близу до нивото на згради со речиси нулта потрошувачка на енергија (NZEB), со стручна проектантска поддршка од германскиот Фраунхофер институт.
На крај, со парите кои долгорочно ќе ги заштеди на енергенси, државата ќе може да си го плати кредитот, вели Оливер Јунгер од Развојната банка KfW од Франкфурт:

„Значи, имаме за цел да ја намалиме потрошувачката на енергија, но во исто време да ги намалиме емисиите на CO2, што и штети на нашата клима. Владата има само два избора. Да продолжи да ги води студентските домови какви што се сега или да инвестира, практично за иста цена, да ги намали CO2 емисиите и притоа да ги унапреди условите за живот во домовите.“
Заштеди
Проценките се дека по завршувањето на реконструкциите на сите објекти опфатени со проектот, на годишно ниво ќе се емитуваат 3 400 тони CO2 помалку. Грубо, тоа е загадување кое на годишно ниво го прават околу 700 автомобили.

Намалувањето, пак, на потрошувачката на електрична енергија е околу 7 700 MWh. Тоа е количина на струја што на годишно ниво ја трошат околу 1 300 домаќинства во земјава. Заштедата во пари се менува зависно од цената по која домот (ќе) ја набавува електричната енергија.
Целиот пакет се заокружува со околноста дека зад проектот стои Европската Унија. Попрецизно, Регионалната програма за енергетска ефикасност (REEP) за Западен Балкан и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF). Со пари, со знаење, но и со идеја – да и се помогне на земјата да се приближи до европските стандарди.

„Најевтината и најчиста енергија е онаа што никогаш не ја трошиме. Со повеќе од 21 милион евра грантови од Европската Унија преку REEP и WBIF, оваа инвестиција ги намалува емисиите и истовремено ја менува секојдневната реалност на илјадници студенти и ученици. Ова е Зелената агенда во својата најопиплива форма и дел од патот на Северна Македонија кон Европската Унија“,
вели Стефано Елеро, шеф на Сектор за соработка, Делегација на Европската Унија во Северна Македонија.
Целта, во моментов, е до крајот на 2031 година сите 16 објекти опфатени со програмата да бидат реконструирани. Очекувано е и да порасне цената на целиот проект, на 100 милиони евра.
До кога ќе издржи оваа инвестиција? Тоа ќе зависи од повеќе фактори, но во прв ред од оние што ќе работат и од оние што ќе живеат во домовите реконструирани по европски стандарди.
