Од опозициската партија велат дека нема да ги прифатат приказните дека Македонија е чиста од криминал, затоа што така рекол премиерот и додаваат дека доаѓа времето на вистината и правдата, кога граѓаните ќе ја вратат власта во свои раце, а актуелната ќе одговара пред независно судство и европско обвинителство
„Ако нешто не им е јасно, нека го погледнат видеото на светски познатиот диџеј Дејвид Гета за Македонија, името кое, патем, СДС го промени“, се вели во реакцијата од владејачката партија
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) утрово преку две одделни соопштенија упати остри критики кон премиерот Христијан Мицкоски, оспорувајќи ги неговите вчерашни изјави за зголемувањето на пензиите, економската состојба во државата и борбата против криминалот. Од партијата изнесуваат и обвинувања за ненаменско трошење на јавните пари и злоупотреба на државните институции, а во контекст на прославата на Денот на независноста.

Според социјалдемократите, лидерот н ВМРО-ДПМНЕ и премиер со изјавите дека пензиите пораснале 16 пати повеќе отколку во времето на СДСМ и дека граѓаните живеат подобро отколку пред три години, повторно пред камери ја вклучил машината за бајки.
„Шестанесет пати. Не процент. Пати. Како да зборува за казино, не за држава. А со оглед дека Државната лотарија веќе му е приватна каса, речникот му е логичен. Оттаму излегоа 5,5 милиони евра за прославата на независноста и концерт на Дејвид Гета, откако истиот човек (Христијан Мицкоски) претходно рече ‘нула денари“. Нема провозии, вели. Ги нема затоа што повеќе не се кријат. Сега се викаат спонзорство, дивиденда и патриотизам“,
се вели во едно со соопштенијата на СДСМ.
Оттаму го критикуваат Мицкоски и за неговите тврдења дека Македонија станува една од водечките земји по развојот на туризмот и авиосообраќајот и се позиционира како трета економија во Европа, наводи кои, според СДСМ не соодветствуваат со реалноста и стандардот на граѓаните.
„Тоа го нема во животот на граѓанинот. Тоа го има само на неговата табла. Едно прво место не го кажува: први сме по срам поради него и по најниска плата во Европа – повторно поради него. Реалната состојба е сосема спротивна од бајките на Мицкоски“,
велат од опозициската партијата.
Оттаму се осврнуваат и на состојбите во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ) и дебата во јавноста што се отвори околу вториот пензиски столб, од каде, велат од СДСМ, власта на ВМРО-ДПМНЕ, која ја нарекуваат оргнизирана криминална група, сака да им одземе заштедите на граѓаните и да ги искористи за „крпење на сопствениот дефицит“.
„Во касата нема пари за достоинствени пензии, па се задолжуваат од недела на недела. Парите се топат во криминални тендери и во спектакли. Дупката во ПИОМ зема замав. Вториот столб повеќе не е сигурност на работникот, туку резерва од која ВМРО-ОКГ сака да се нахрани – да ги одземе заштедите на граѓаните и да ги претвори во крпење на сопствениот дефицит. Со пензиите си играат, а најранливите ги држат во страв. Класична десничарска банда – крупниот капитал се штити, сиромаштијата се украсува со бројки. Пензионерот не живее во кабинетот на арамијата Мицкоски. Пензионерот живее во продавница, во аптека, на сметка за струја и во редици пред шалтер. А таму нема 16 пати ништо – освен повисоки цени. Таму има поскап живот и евтина лага“,
велат од Бихаќка.
Во другото соопштение од опозициската партија поконкретно се осврнуваат на изјавите на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, за борбата против криминалот, обвинувајќи дека во изминатите две години откако е на власт ја презел контролата врз институциите, поставувајќи свои луѓе во судството и обвинителството.
„Шефот на организираната криминална група ВМРО, Христијан Мицкоски, вчера изрече една реченицата која ќе остане како автопортрет на оваа власт: ‘Нема веќе банди, нема веќе криминал, нема рекетирање, нема веќе марихуана економија, нема веќе провизии од Лотарија’. Нема мали банди точно, има само една голема, таа контролира се. Кога шефот на владата излегува и вели дека криминалот го нема, тоа не е биланс. Тоа е легализација на криминалот и корупцијата. ВМРО-ОКГ две години ја градеше државата како криминална мрежа: свои луѓе во тендери, свои луѓе во судството и обвинителството, свои луѓе во безбедност – МВР и АНБ, свои луѓе во игри на среќа, свои луѓе во енергетика, свои луѓе поставени низ целиот државен апарат“,
велат од Социјалдемократскиот сојуз.

Од опозициската партија велат дека нема да ги прифатат приказните дека Македонија е чиста од криминал, затоа што така рекол премиерот и додаваат дека доаѓа времето на вистината и правдата, кога граѓаните ќе ја вратат власта во свои раце, а актуелната ќе одговара пред независно судство и европско обвинителство.
На критиките од СДСМ, особено оние во врска со прославата на Денот на незавиноста, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде иронично велат дека опозициската партија и нејзиниот претседател Венко Филипче не пропуштиле прилика за да демонстрираат државотворнсот и политичка зрелост.
„Тие дури отидоа против прославата на 35 години независна држава. Тие директно се спротивставија на илјадници луѓе кои беа дел од прославата и кои ја поддржаа. Со нивните небулозни тврдења за некаков криминал, и покрај целата отчетност и транспарентност, само покажуваат колку се ситнодушни и без идеја во политичкиот настап“,
се вели во реакцијата од владејчката партија,.
Во тој контекст, оттаму повторно го споделија видеото во кое светски познатио диџеј Дејвид Гета ги сподели импресиите од својот настап во Скопје на 8 септември по повод прославата на Денот на незавноста.
„Ако нешто не им е јасно, нека го погледнат видеото на светски познатиот диџеј Дејвид Гета за Македонија, името кое, патем, СДС го промени“,
порачуваат од владејачката партија.
