На Самитот за Западен Балкан – Европска Унија, кој се одржа лани на почетокот на декември во Тирана телекомуникациските оператори од земјите од ЕУ и Западен Балкан потпишаа договор со кој ќе се овозможи намалување на цените за роаминг меѓу ЕУ и регионот
Оваа година треба да стапи во сила договорот за роаминг според кој сите повици на мобилни телефони, исто како и користењето на интернет преку мобилен телефон, во Западен Балкан и ЕУ ќе ги плаќаме по исти цени како што плаќаме во нашите сопствени земји, објави на Твитер хрватскиот пратеник Бојан Главашевиќ, кој рече дека оваа идеја постои одамна, но сега е близу до реализација.
„Денеска во парламентот се одржа комисијата за европски прашања, на која државниот секретар Андреја Метелко Згомбиќ рече дека главниот договор е веќе потпишан, но треба да се потпишат уште неколку помали договори. На прашањето кога треба да се спроведе, односно да стапи во сила, таа рече – оваа година“,
изјави Главашевиќ за Индекс.хр додавајќи дека политичката волја за таков договор постои подолго време.
Според Главашевиќ, во договорот треба да бидат вклучени сите земји од Западен Балкан (Србија, Македонија, БиХ…) кои на каков било начин се вклучени во процесот за влез во Европската Унија.
„Ова е дел од една поширока идеја за пристапниот процес. На тоа се работеше додека Хрватска претседаваше со Европската Унија. Идејата беше да се создаде модифициран пристапен процес, односно кога земјите ќе исполнат одредени критериуми, нивните граѓани веќе да можат да уживаат во некои бенефиции уште пред да влезат во Унијата“,
рече Главашевиќ, пренесува Индекс.
На Самитот Западен Балкан – Европска Унија, кој се одржа лани на почетокот на декември во Тирана, телекомуникациските оператори од земјите од ЕУ и Западен Балкан потпишаа договор со кој ќе се овозможи намалување на цените за роаминг меѓу ЕУ и регионот.
Со договорот Северна Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и БиХ од оваа година ќе имаат пониски тарифи во роаминг со земјите од ЕУ, а тарифите блиски до националните нивоа на цени се планира да се постигнат до 2027 година.
По долги преговори, Европската комисија и Регионалниот совет за соработка (РСС), предводени од генералниот секретар Мајлинда Брегу, постигнаа договор со мобилните телефонски оператори во Европа и на Балканот за намалување на роаминг-тарифите.
Потпишувањето на Декларацијата за роаминг ќе гарантира значително намалување на трошоците за роаминг од 1 октомври. Тарифите блиски до националните нивоа на цени се планира да се постигнат до 2027 година.
На 1 јули 2021 година се укина роамингот за телефонски разговори, СМС и интернет меѓу Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Со тоа се заокружи примената на Договорот од Вториот дигитален самит од 2019 година меѓу шесте држави од Западен Балкан.