Од денеска се укинува роамингот меѓу Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Тоа значи дека цената на услугите за СМС-пораки и телефонски повици ќе биде иста како дома, но користењето на интернет-услугите надвор од државата нема да биде бесплатно без ограничување. Од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за МИА потврдиле дека се завршени сите чекори за разговори, пораки и пренос на податоци без тарифирање во роаминг.
„Почнувајќи од денеска се предвидува напуштање на дополнителното тарифирање за роаминг услугите, односно се воведуваат цени за роаминг услуги исти како цените на електронските комуникациски услуги на домашниот пазар (Roaming Like At Home). Тоа значи дека корисниците на роаминг-услугите во земјава нема да доплаќаат повисоки цени од домашните тарифни модели за користење на роаминг-услугите кога ќе патуваат во останатите пет земји потписнички на Спогодбата, без разлика дали станува случај за користење на интернет, говор или СМС. Влезниот повик во роаминг ќе се третира исто како и влезниот повик во домашниот пазар односно без дополнителен надомест за корисникот“,
соопшти АЕК.
Регионалниот договор за роаминг беше потпишан во април 2019 година во Белград во рамки на Вториот дигитален самит на земјите од Западен Балкан. Следен чекор се активности за укинување на цените во роаминг помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија.
Државава има потпишано одделни меморандуми за намалување на цените на роаминг услугите и со Грција и со Бугарија, но тие не се стапени во сила.