Како дополнителен демант на наводите на опозицијата, од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат и објавување официјална средба со заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги оцени како небулозни изјавите од опозициската СДСМ кои се однесуваа на информациите од премиерот Христијан Мицкоски дека имал средба со американскиот државен секретар Марко Рубио.
Во писмената реакција од ВМРО-ДПМНЕ се вели дека СДСМ ги толкува соопштенијата како што им одговара, но оти тоа е далеку од вистината.
Од владејачката партија истакнуваат дека премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствариле разговор со американскиот државен секретар Марко Рубио. Како дополнителен демант на наводите на опозицијата, од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат и објавување официјална средба со заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау.
„За разлика од времето кога Македонија беше со свиткана кичма, денес Македонија се застапува со гордо исправена глава“,
се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ упатуваат апел до СДСМ во иднина да ги пренесуваат информациите што ги добиваат доследно, а не политички некоректно.
Откако утринава Мицкоски напиша дека имал разговори со Рубио, а објави и неколку фотографии и кратко видео, од СДСМ преку соопштение реагираа дека разговор во ходник со американскиот државен секретар Марко Рубио, премиерот го претставува како официјална средба на високо ниво.
Од СДСМ во соопштението велат дека средби од тој ранг се водат во кабинет, во сала, со агенда и со записник, а не во ходник.
