Тој прогон трае и до ден-денес и се уште трае и расте стравот на многумина од неговото запирање или неуспех. И имаат причина за страв!, пишува на својот фејсбук-профил поранешниот премиер и актуелен бегалец во Унгарија Никола Груевски
Партиите, директно или преку нивните интернет ботови и нивните приврзоци во медиумите во Македонија во отсуство на конкретни дела, визија, понуда, проекти и решенија за проблемите на народот во Македонија редовно се препукуваат. И на секои два до три месеци им паѓа на памет спиновите да ги насочат кон мене во правец на некакви мои непринципиелни договарања со некого или нешто, заговори и слично. Веќе неколку години периодично се јавува потреба да ги демантирам, исто како што тоа го правам и сега во оваа прилика во која повторно го демантирам истото, пишува на својот фејсбук-профил поранешниот премиер Никола Груевски, а сега бегалец во Унгарија.
„Вакви измени во Законот се говорат во јавноста одамна, околу четири-пет години, и од она што можам да забележам од медиумите има многу заинтересирани страни од различни политички провиниенции за истите да се изгласаат. Во мојот случај на прогон истите имаат минорно учество“,
вели Груевски во објавата.
Според него, тој и повеќе негови соработници се под прогон за не сторени работи, на тој прогон, како што вели тој, заднината е страв од конкуренција и желба за политичка елиминација и тоа се нарекува политички прогон.
„Тој прогон трае и до ден-денес и се уште трае и расте стравот на многумина од неговото запирање или неуспех. И имаат причина за страв!“,
додава Груевски.
Статусот на Груевски на Фејсбук доаѓа откако Собранието вчера ги донесе измените и дополнувањата на Кривичниот законик. Денеска, пак, шефот на државата Стево Пендаровски одлучи да го потпише указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.
Предлог-измените на Кривичниот законик кои Владата ги поднесе во Собранието по скратена постапка (со европско знаменце) предзвикаа лавина реакции во јавноста. Со нив, меѓу другото, се предвидува намалување на казните во членот 353 кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување, кој најчесто се користеше за гонење службени лица и функционери, како и намалување на казните за делото злосторничко здружување од членот 394, односно наместо сегашните кои предвидуваат од една до десет години затвор, на една до три години затвор. Тоа повлекува и порано застарување на кривичните дела.
Во најмалку 14 судски процеси познати во јавноста, каде што на обвинителна клупа седат поранешни функционери, ќе настапи застареност на кривичните дела злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластувања. Речиси сите судски случаи се предмети кои ги отвори сега расформираното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а во нив се опфатени над 80 лица.
Во дел од наведените предмети целосно ќе прекине кривичниот прогон, во дел, пак, постапките ќе продолжат за преостанатите кривични дела, но во случај на осудителна пресуда казните ќе бидат помали.