Под контрола е пожарот во Општина Студеничани помеѓу селата Драчевица и Цветово каде гори ниска вегетација

Изминатото деноноќие биле регистрирани 46 пожари на отворен простор од кои седум се активни, а еден е под контрола, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активен е пожарот кај месноста „Над боровите“ со краци кон селата Татар Елевци и Кораб и Бањиште во Општина Дебар, каде гори смреки, папрат и трнливи грмушки.
Шума и ниска вегетација гори кај селото Јаболчиште во Општина Чашка, а кај селото Стрима во Општина Липково запалена е борова шума и ниска вегетација.
Активен пожар има и над Боговинско Езеро на Шар Планина каде горат пасишта, а гори и на депонијата „Краста“ во Куманово. Другите два активни пожари, како што велат од ЦУК, се кај селото Добровени во Општина Новаци и меѓу селата Белчишта и Лешани во Општина Дебрца. На овие локации горат ниска вегетација и стрништа.
Од ЦУК велат дека под контрола е пожарот во Општина Студеничани помеѓу селата Драчевица и Цветово каде гори ниска вегетација.
Изгаснатите пожари се во различни општини каде гореле ниска вегетација, ѓубре, стрништа и мешана шума.
