Организацијата ги повика луѓето денеска да се приклучат кон нивната мобилизација, соочени со „овој политички ќорсокак и она што го опишуваме како невидена репресија врз движењето“

Во Франција за денеска се најавуваат големи протести на национално ниво откако организаторите повикаа на ден за акција за поддршка на учениците и студентите што бараат поголеми вложувања во образованието, пишува „Гардијан“.
Ова следува по една недела демонстрации, кога учениците блокираа стотици училишта, при што беа повредени најмалку 190 ученици, а уапсени повеќе од 5 000 луѓе.
Вчера, на еден ученик му била откината рака при судир со полицијата, додека друг, минатата недела наводно, бил погоден со предмет во главата. Информациите ги потврдил Франсоа-Ксавие Лош, префект на департманот Па-де-Кале, но одбил да ги коментира точните околности. Тој навел дека меѓу 150 и 200 демонстранти фрлале разни предмети кон полицијата кога интервенирале полициските единици за разбивање немири. Лош рекол дека не било јасно дали во инцидентот била употребена полициска шок-бомба или како точно дошло до повредата. Лош соопшти дека е отворена истрага.
Според пишувањата ан „Гардијан“ и семејството на 16-годишен ученик од Тур исто така поднело жалба поради полициско насилство, откако момчето минатата недела го загубило видот на десното око. Државниот обвинител изјави дека повредите на момчето одговараат на удар од полициски гумен куршум. Во тек е полициска истрага.
Францускиот премиер вели дека владата најавила мерки за одговор на нивните барања, но еден од главните организатори на протестите соопшти дека владата не понудила „ништо конкретно“.
Организацијата ги повика луѓето денеска да се приклучат кон нивната мобилизација, соочени со „овој политички ќорсокак и она што го опишуваме како невидена репресија врз движењето“.
И некои други организации ја изразија својата поддршка за учениците и студентите, при што синдикатот на наставници SNES-FSU ги повика своите членови да се приклучат на протестот.
Бранот демонстрации започна во септември во Париз и се прошири низ целата земја, при што учениците и студентите протестираат поради низа прашања, вклучувајќи ги пренатрупаните училници, дотраените згради и недостигот на наставен кадар.
Протестите беа иницирани од средношколци, а подоцна им се придружија и студенти.
Во неделата, францускиот министер Себастиен Лекорну најави серија мерки за „справување со тешкотиите со кои се соочуваат средношколците и образовниот кадар“, ветувајќи „видливи промени“ во училиштата.
Сепак, тој изјави оти нема да прават отстапки пред насилството.
„Застануваме зад учениците, студентите и вработените кои биле нападнати, како и зад полицајците и жандармите кои биле повредени“,
рече Лекорну.
За време на немирите, освен блокади на училишта, забележано е и палење на контејнери за отпад. Министерот за образование Едуард Жефре изјави дека 24 училишта биле „запалени и ограбени“ од почетокот на протестите.
Според француското Министерство за правда, меѓу 5 060 лица уапсени од почетокот на движењето, 87 отсто биле малолетници, а 13 проценти се возрасни.
Четиринаесет лица наводно се ставени во притвор, додека 1 802 лица се соочуваат со кривично гонење, вклучително и 319 возрасни и 1 483 малолетници.
