Сиљановска-Давкова, која вечерва беше гостин во централниот „Дневник“ на телевизија Сител, ова го кажа во контекст на прашањето дали спорот меѓу Македонија и Бугарија е билатерален или земјава има проблем со Европската Унија, како што вели официјална Софија
Во однос на барањето за средба меѓу шефовите на дипломатиите на двете држави, на што претседателката на ЕК сугерирала, односно го советувала премиерот да биде испратено, Сиљановска-Давкова рече дека пред да дојде во телевизијата разговарала со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој ѝ кажал дека сè уште не добил одговорот од својата колешка Велислава Петрова-Чамова
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова оценува дека има промени во односот на Европската Унија кон потребата од дијалог меѓу Скопје и Софија откако претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, за време на минатонеделната посета на земјава, јасно повикала на продолжување на разговорите меѓу двете држави во спорот што ги блокира македонските евроинтеграции.

Сиљановска-Давкова, која вечерва беше гостин во централниот „Дневник“ на телевизија Сител, ова го кажа во контекст на прашањето дали спорот меѓу Македонија и Бугарија е билатерален или земјава има проблем со Европската Унија, како што вели официјална Софија.
„Очигледно дека има промена кога отворено тоа е побарано од Европската Унија, преку претседателката на Европската комисија. Сите го чувме тоа. Да потсетам, и господинот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта, во Софија настапи со слична дикција, па дури и рече дека се потребни некакви гаранции“,
рече претседателката.
Средбата што ја имаше со претседателката на Европската комисија, таа рече дека се одвивала во пријатна атмосфера, во која од страна на Фон дер Лајен била пројавена максимална заинтересираност за прашањата за кои станало збор.
Во однос на барањето за средба меѓу шефовите на дипломатиите на двете држави, на што претседателката на ЕК сугерирала, односно го советувала премиерот да биде испратено, Сиљановска-Давкова рече дека пред да дојде во телевизијата разговарала со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој и кажал дека сè уште не добил одговорот од својата колешка Велислава Петрова-Чамова.
Од Фон дер Лајен чувме нешто што ние одамна го препорачувавме, вели претседателката
Говорејќи претходно за пораките од Брисел за продолжување на разговорите со Софија, таа потсети дека претходно се поставувало прашањето дали спорот е билатерален или станува збор за прашање во рамки на односите на земјава со Европската Унија.
„Кога ние велевме дека прашањето по природа е билатерално, бидејќи ниту во Акцискиот план, ниту претходно, нема забелешки од другите држави, никоја не се заканува со вето, напротив, се истакнува потребата од мерит систем во евалуацијата Бугарија велеше дека прашањето не е билатерално, туку дека ние имаме работа со Европската Унија. Многу пати сум велела дека ако е така, тогаш оставете нè да преговараме со Европската Унија… Но, еве чувме од г-ѓата Фон дер Лајен на нешто што ние одамна bona fide не само што го препорачуваме, туку и посегавме по него, зборувам за дебата и дијалог, оти ако не се сослушате не можете да се разберете, ниту, пак, да се обидете да се себе самоанализирате. Се разбира дека тоа јас последен пат го сторив во Софија и, навистина, не можам да кажам дека атмосферата беше bona fide, бурна беше расправата од многу причини, но се разбира, јас реков дека секогаш сме тука да разговараме“,
рече Сиљановска-Давкова.
Во однос на ставовите на европските претставници за преземените обврски, Сиљановска-Давкова се повика на европското уставно право и на основните документи на ЕУ.
„Јас не сум само претседателка, туку сум и професорка. Добро го познавам европското уставно право. И она на што деновиве се повикува г-ѓа (Илијана) Јотова, претседателката на Бугарија, кога вели дека ние мора да ги почитуваме принципите и вредностите на Европската Унија, се точно прашањата на кои и јас повикувам. Многу јасно пишува во Договорот за ЕУ, во Лисабонскиот договор, во Повелбата за фундаменталните права, дека ЕУ ќе го почитува националниот и културниот идентитет, не само на членките на ЕУ, туку на сите нации и држави“,
рече Сиљановска-Давкова.
Таа оцени дека токму овие принципи треба да бидат земени предвид и во процесот на евроинтеграција на земјава, особено кога станува збор за прашањата поврзани со националниот и културниот идентитет.
Уставните измени се работа на парламентот
Во врска со барањето за уставни измени, претседателката рече дека не може да гарантира дека тие ќе бидат усвоени.
„Што велам јас кога ќе ме запрашаат дали ќе го смените Уставот? Јас не можам таква гаранција да дадам. Пратениците не ме претставуваат мене, ги претставуваат граѓаните и, како во секој европски парламент, гласаат по сопствено уверување“,
рече Сиљановска-Давкова.
Таа праша што ќе се случи доколку повторно бидат иницирани уставни измени, но пратениците не обезбедат двотретинско мнозинство, како и потребното мнозинство од пратениците од заедниците кои не се мнозинство.
Во интервјуто претседателката на државата рече дека Северна Македонија презела чекори за градење консензус за прашањата од национален интерес, но оти процесот бил прекинат откако опозициските партии не се вклучиле во разговорите. Во таа насока, Сиљановска-Давкова наведе дека за надворешната политика е потребен унифициран став, особено кога станува збор за прашања од национален интерес.

Одговарајќи на прашањето зошто земјава не презема чекор што би ја извадил од статус кво ситуацијата со Бугарија, рече дека таков чекор бил преземен преку иницијативите за создавање атмосфера на доверба и внатрешен консензус.
„Точно е дека во секоја демократска држава има разлики, помали или поголеми, помеѓу власта и опозицијата, но, за жал, во некои држави, дури и кога не се на страната на вистината, тие во еден глас говорат кон надвор. Почнавме ние, ако се сеќавате, преку средби, да создаваме една атмосфера. Јас не знам колку пати сум рекла дека не се оди надвор без да се постигне консензус дома и без да има договор – говорам за прашања од национален интерес“,
рече претседателката.
На прашањето дали станува збор и за предлог за уставни измени со одложено дејство, таа одговори дека конкретно за тоа не било разговарано, но оти ставот бил дека кон надвор треба да се настапува со унифицирана позиција.
Критики кон опозицијата
Сиљановска-Давкова посочи дека разговорите со политичките партии требало да бидат еден од следните чекори, но дека претставници на опозицијата не се појавиле на средбите.
„Околу консензусот приказната се прекина среде. Зошто? Бидејќи лидерот тогаш на Социјалдемократскиот сојуз отиде во Брисел и по враќањето почна да зборува гласно дека не гледа никакви проблеми, дека нема никаква закана по идентитетот“,
кажа Сиљановска-Давкова.
Во однос на тврдењата на опозицијата дека нема закана по македонскиот идентитет, претседателката рече дека треба да се разгледа Преговарачката рамка, посочувајќи ја издвоената изјава на Бугарија во однос на македонскиот јазик.
„Сите кои тврдат дека нема никаква закана, нека ја отворат Преговарачката рамка. Во самата Преговарачка рамка е внесена издвоената изјава на Бугарија во поглед на македонскиот јазик. Точно е дека ЕУ вели дека нема проблем со тој јазик, меѓутоа ако спротивно на сите меѓународни норми во 21 век, од оние во Обединетите Нации, влезе во една преговарачка рамка една ваква изјава, зошто да не се сомневам јас во заканата, затоа што зошто инаку би се инсистирало на вакво нешто? Ако нема проблем, извинете, тогаш што е прашањето врзано со Бугарите? Зар не е тоа идентитетско прашање? Кој досега преговарал во ЕУ за идентитет? Што е историјата ако не е идентитет, еве да прашам? Што е културата ако не е идентитет?“,
рече Сиљановска-Давкова.
