Пратеникот од редовите на СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, поставува релација помеѓу тврдењата на власта дека нема да има предвремени избори и веќе отпочнатите подготовки за издавање на еврообврзница, како начин за финансирање на доспеаниот долг и на буџетскиот дефицит за 2027 г.

360°: Дали, според вас, ќе има предвремени избори?
Битиќи: Јас мислам да и затоа што ги следам состојбите во државата, не зборувам политичкиот моментум дали е поволен за ВМРО или не е поволен, за мене најбитно е да видам каква е економската состојба. Има еден момент којшто ме изненади, а тоа е внатрешна информација, дека еден од проблемите зошто не би имало предвремени парламентарни избори е заради еврообврзницата која што треба да се издаде. Таа е нужна за следната година, за владата. Секако, ние сите знаеме дека ќе се донесе одреден буџет сега во декември со одреден дефицит којшто мора од некаде да го пополните. Вообичаено, дефицитот е потребен за првите месеци од годината, историјата покажа во овие две и пол години дека тогаш на ВМРО ДПМНЕ најлошо им оди со прибирање на средствата. Ако ги гледаме денешните бројки на прибирање на приходната страна, има сериозни проблеми и фактот дека веќе почна речиси месец дена процедурата за издавање еврообврзница, укажува дека таа ќе биде некаде ноември, почеток на декември веќе обезбедена. Ќе се чека донесувањето на законот за буџет за следната година и најверојатно ќе заврши во собраниска процедура. И тоа веќе ми дава одредени сознанија дека морате да зборувате дека нема предвремени избори за да бидат поевтини средствата.
360°: Министерката за финансии тврди дека се е редовно и дека стартот на подготовката за издавање на еврообврзницата е во воебичаен временски интервал како и за секоја евроообврзбица.
Битиќи: Вообичаени за кого само? Вообичаено веројатно за некои други влади.
360°: Добро, вие сте биле дел од влада, знаете дали е ова во вообичаен интервал.
Битиќи: Да, да. Вообичаени можеби за други влади, за оваа влада не. Затоа што оваа влада сите еврообврзници ги издавала некаде март-април, февруари, крај на февруари до април. Ние тогаш укажувавме дека најповолен период е околу Нова година и веднаш после Нова година затоа што вообичаено се добиваат пониски каматни стапки, тогаш тие укажуваа не знаете па сега не знам дали ние тоа што сме го збореле било точно или ова што министерката го збори.
360°: Господине Битиќи, сакате да кажете дека може да станува збор за политички трик, само да се зборува дека ќе нема предвремени избори за да се обезбедат поповолни услови за издавање на еврообврзницата пред сè рочноста, каматата?
Битиќи: Па, каматата е најбитна за оваа власт во овој момент, не би можеле да отидат на избори па и редовни, ако достигнат еврообврзница со висока каматна стапка во овој момент.

360°: И кога ќе ја обезбедат еврообврзницата и кога ќе го донесат буџетот, може да одат на избори?
Битиќи: Да тогаш се створени условите и за техничка влада. Нели оваа е последната техничка влада. така што…
360°: Значи, според вас, дури и напролет ќе бидат можни предвремени избори ако заврши се навреми како што планираат со задолжувањето?
Битиќи: Да видиме само како ќе ја завршат годината. Ако ја завршат годината како минатата, тогаш јас претпоставувам дека во април нема да бидат изборите, ќе бидат некаде наесен, затоа што ако ја завршат годината како 2025 г. со 8 отсто недостаток во буџетот на приходи, некаде од околу 500 милиони евра, секако во јануари-февруари ќе треба да го надокнадат некако, да ги исплатат обврските што ќе ги пренесат, па ќе немаат доволно пари за други работи. И затоа ќе им треба малку други инјекции, па можеби тогаш ќе гледаме наесен избори. Ама еве, уште малце, уште два месеца сме при крај веќе за да увидиме што ќе се случува во државата, се уште е рано почеток на октомври за да кажеме како ќе се заврши оваа година.
360°: Премиерот најави веќе нов ребаланс, рече дека проекциите се дека кусокот од намалената акциза и намаленото ДДВ за горивата ќе биде некаде околу 7-8 милијарди денари, преведено околу 130 милиони евра. Притоа вели 5 милијарди денари се кусок од акциза, а другите се ненаплатено ДДВ поради намаленото, од 18 на 10 отсто. Дали, според вас, ова е доволно објаснување за состојбата во буџетот?
Битиќи: Видете, слично објаснување беше дадено и при првиот ребаланс, и тогаш владата тврдеше дека заради намалените приходи од мерките, а тоа е акцизата, дека некаде 40 милиони евра имаат помалце и видовме ребаланс со 120 милиони дополнителни зголемување на дефицитот. И тоа укажува дека, во суштина, не е само проблемот на еден извор што имате сериозен проблем, туку дека севкупно имате проблем со прибирање на приходите.
360°: Како – правите лоши прооекци или правите добри прооекци, а потоа не можете да го соберете тоа што го планирате?
Битиќи: И едното и другото. Прво, мислам дека се предимензионира на расходна страна, тоа значи се предимензионира и на приходна страна. А второ заради погрешните нивни политики креираа дефицит во други институции, на пример дефицитот во ПИОМ е удвоен – ако ние плаќавме отприлика 520 милиони евра годишно за ПИОМ, сега тоа е милијарда, милијарда и нешто. Удвоен е и тоа сметам дека сериозно ќе биде наредниот период да се надокнади од некаде од друг извор.
360°: Господине Битиќи, на пензионерите ако им кажете дека тоа е поради седумте илјади денари линеарно зголемување на пензиите, тие не би го примиле најпозитивно.
Битиќи: Не, не е така, затоа што надвор од првите две зголемувања, линеарното зголемување на пензиите, сите други зголемувања, два пати по илјада денари, се на штета на пензионерите. Тие би требало да добијат, според законот и усогласувањето, многу повеќе од тоа што што добија, така што пензионерите во овој момент севкупно гледано се оштетени наспроти дека тоа е обезбедено. Но, вие не можете да донесете мерка или политичка одлука дека ќе дадете средства за пензионерите, а притоа да не мислите што ќе се случува утре. Вие морате напоредно да знаете што се случува, дали евентуално ќе ги зголемите придонесите за пензиско и инвалидско осигурување или можеби ќе интервенирате во годините за пензионирање, старосната граница, или можеби во однос на што ќе се случува со парите коишто стојат, секако, и во првиот пензиски и вториот пензиски столб и така натаму, што со нив ќе се случува. Без јасна визија, не влегувате во една авантура. Оваа власт влезе во една таква авантура. Вториот дефицит којшто е сериозен е Фондот за за здравствено осигурување. И затоа на крај на денот ние добиваме секојдневни полоши и полоши услуги затоа што во суштина таму е сериозен проблем со средствата. И низа на други работи и одлуки коишто Владата сама ги има донесено, е последица сега да немате пари.
