Буџетскиот дефицит веќе го надмина планираното ниво за цела година, поради што под итно е потребен ребаланс на државната каса, алармира членот на раководството на СДСМ
Поради значењето што го има за меѓународните кредитори, нема простор за зголемување на дефицитот, што според Битиќи значи дека целиот товар од претстојниот ребаланс ќе падне исклучиво врз кратење на средствата за капиталните инвестиции

Владата се соочува со сериозен проблем со ликвидноста, а буџетскиот дефицит веќе го надмина планираното ниво за целата година, предупреди пратеникот во Собранието од редовите на СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи. Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, анализирајќи ги податоците од фискалниот бројач според кои реализацијата на расходите заклучно со 2 октомври е 314 милијарди денари, а на приходите 264 милијарди, тој посочи дека дупката во буџетот е 50 милијарди денари, што е за околу четири милијарди денари (околу 65 милиони евра) повеќе од вкупно планираниот дефицит за цела година. Поради ова, тој вели дека на државата под итно ѝ е потребен ребаланс на буџетот.
„Владата нема ликвидност и затоа е нужен ребаланс. Сметам дека министерката нема да дозволи зголемување на дефицитот, затоа што вистински ќе има сериозен проблем со ММФ и другите финансиски институции и парите понатаму ќе стануваат многу поскапи за државата. Најверојатно ќе се пријде кон намалување на расходната страна и собирање на сите средства кај што не се нужни од институциите, за да се намали оваа разлика“,
истакна Битиќи за „360 степени“.
Објаснувајќи како би изгледало тоа кратење, Битиќи рече дека речиси 91 отсто од буџетот оди на тековни трошоци како плати, пензии и социјална помош, кои мора да се исплатат, поради што целиот товар ќе падне врз развојната компонента.
„Ако ги скратите капиталните инвестиции, малтене и тој раст којшто Владата се обидува да го прикаже – ќе го нема. Така што, вие може само да одложите одредени расходи, но тие ќе ви дојдат за наплата во првите месеци од следната година“,
вели тој.
Математиката со горивата
Осврнувајќи се на изјавите од власта дека антикризните мерки направиле дупка од 7 до 8 милијарди денари (околу 130 милиони евра), Битиќи ја оспорува ваквата пресметка преку конкретен пример за данокот на додадена вредност кај горивата. Тој објаснува дека иако владата ја намали стапката на ДДВ од 18% на 10%, поради драстично повисоката цена на горивата, државата во апсолутен износ прибира речиси иста сума по литар.
„Намалувањето, на пример, на ДДВ за дериватите ако го намалите од 18 на 10 отсто… 10 отсто на 100 денари е 10 денари. 18 отсто на 65 денари е денар-два повеќе. Така што, не знам од каде го собираат дека од таа мерка може да има штета на буџетот“,
анализира Битиќи.
Аргумент контра владината математика за буџетска дупка, според Битиќи, е и зголемената потрошувачка на бензинските пумпи. Тоа носи огромни, непланирани средства во буџетот. Тој се повикува на изјавите од Регулаторната комисија за енергетика кои потврдуваат дека се продаваат далеку поголеми количини, што според Битиќи, за буџетот претставува таканаречен „опортун приход“ кој компензира за намалените даночни стапки.
Во контекст на намалените давачки за горивата, Битиќи се согласува со предлогот на ЛДП – да се вратат нормалните стапки на даноци и акциза за горивата, а разликата да им се рефундира исклучиво на македонските граѓани. Идејата е земјава да престане да ги „чести“ странците кои точат евтино гориво со намалени давачки, пред се во пограничните региони.
За Битиќи, ваквите предлози се легитимни и апсолутно технички изводливи со оглед на напредните технологии и дигитализацијата. Но, вистинскиот проблем го лоцира во недостигот на политички капацитет да се разговара за нив.
„За жал, политичките партии внатре и надвор многу тешко се убедуваат дека треба да седнат на маса и да разговараат, па кога има кризи, и тие коишто различно размислуваат, да прифатат одредено добро решение. СДСМ тоа го направи во време на ковид. Ги седна на маса сите чинители коишто во тој момент требаше да бидат таму (…) Ние сега не можеме да најдеме консензус за основни работи“,
вели Битиќи.
