Во соопштението од кабинетот на Груби во кое се информира за средбата, не е наведено на што конкретно се однесува формулацијата „секаква одлука“ што ја употребил првиот вицепремиер. Но, можно е таа да реферира на ставот на неговата партија, дека се согласува да не биде дел од владата што ќе се формира откако претходно ќе се изгласаат и ќе стапат на сила уставните измени. Сепак, треба да се има предвид дека Груби ова го кажал во свјство на владин, а не на партиски функционер
Поважна е европската иднина на граѓаните и на државата и подготвени сме за секаква одлука што би овозможила консензуално одобрување на уставните измени, истакнал првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи со заедниците Артан Груби на денешната средба со заменик-амбасадорот на Соединетите Американски Држави во земјава Ерик Мејер.
Средбата меѓу Груби и американскиот заменик-амбасадор доаѓа по вчерашната лидерска средба меѓу премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски и претседателот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски во која двајцата си разменија предлози во врска со уставните измени.
Во соопштението од кабинетот на Груби во кое се информира за средбата, не е наведено на што конкретно се однесува формулацијата „секаква одлука“ што ја употребил првиот вицепремиер. Но, можно е таа да реферира на ставот на неговата партија, дека се согласува да не биде дел од владата што ќе се формира откако претходно ќе се изгласаат и ќе стапат на сила уставните измени. Сепак, треба да се има предвид дека Груби ова го кажал во својство на владин, а не на партиски функционер.
Ставот на партијата го соопшти портпаролот на ДУИ и министер за надворешни Бујар Османи кој на Фејсбук напиша:
„ДУИ е подготвена да поддржи влада без ДУИ до избори доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и тие стапат во сила пред формирањето на таа влада. Европската иднина на граѓаните е пред сè“,
Ваквиот став Османи го изнесе откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференцијата по средба со премиерот Ковачевски, изрази подготвеност неговата партија да влезе во влада, но во неа да не биде ДУИ.
Мицкоски ова го понудил како одговор на понудата на Ковачевски да почне процесот на уставните измени, а СДСМ да ѝ отстапи пет од своите десет министерски места на ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на опозициската партија и денеска повтори дека за ВМРО-ДПМНЕ не е проблем пратениците во Собранието да ги гласаат уставните амандмани, но како услов за тоа е тие треба да бидат со одложено дејство, односно да влезат во сила тогаш кога за Македонија ќе биде донесена одлука да стане членка на ЕУ.
Тој рече дека е за поздравување одговорот на Бујар Османи дека ДУИ го прифаќа предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да не биде дел од владата, но уставните измени да се изгласаат и да стапат на сила пред интегративците да ја напуштат „Илинденска“ бр. 2.
„Го поздравувам што сфати дека е време за опозиција. Tоа дава можност граѓаните да се ослободат од фрустрацијата од процесот на дуизација. Од друга страна, тоа дава можност за вистински почеток на преговори со ЕУ, а не Македонија да биде држена во заложништво од мала група на луѓе кои освен својот личен интерес ништо друго немаат како приоритет“,
изјави денеска Мицкоски.
Од владејачката СДСМ денеска преку прес-конференција на портпаролката Богданка Кузеска, повторно истакнаа дека Мицкоски јавно кажал дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставните измени, со што де факто го променил ставот и прифатил уставни измени. Дури и условот ДУИ да не биде дел од владата, експресно беше прифатен од оваа партија, велат од СДСМ. Прифатено е и барањето измените на Уставот да важат одложено, односно од денот на одржувањето на втората меѓувладина конференција, порачуваат денеска од владејачката партија.
Инаку, Груби и американскиот заменик-амбасадор на денешната средба разговарале за за последните политички случувања во земјата, процесот на уставни измени, патот на евроинтеграциите како и почетокот на работата на Коридорите 8 и 10-д.
„Двајцата соговорници разговараа за политичката состојба во земјава како и за евроинтегративниот процес и за продолжување на патот кон отворање на преговарачките поглавја. Груби истакна дека поважна е европската иднина на граѓаните и на нашата држава и дека сме подготвени за секаква одлука што би овозможила консензуално одобрување на уставните измени. Дискусијата за важноста на реализацијата на проектите како Коридорот 8 и 10-д не само за земјата туку и за целиот регион ја натера целата Влада да се заложи за нивна брза и квалитетна реализација, веќе по одобрувањето на законски измени. Груби за време на средбата му се заблагодари (на Мејер) и за големата поддршка за нашата земја во патувањето кон европското семејство како и за продолжувањето на стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави“,
се наведува во соопштението за средбата од кабинетот на првиот вицепремиер.