САД се наш стратешки партнер и за мене ќе биде суштинска нивната забелешка и коментар за овие измени во Кривичниот законик. Истото важи и за забелешките на ЕУ, вели Грковска
За вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска забелешките и коментарите на САД и ЕУ во врска со изгласаните измени на Кривичниот законик ќе бидат од суштинско значење.
„Јас кажав дека членот за проширената конфискација е на мојот кабинет, а за другиот дел од Кривичниот законик изразив резерва. САД се наш стратешки партнер и за мене ќе биде суштинска нивната забелешка и коментар за овие измени. Истото важи и за забелешките на ЕУ“,
рече Грковска во одговор на новинарско прашање кој е нејзиниот коментар за изјавата на амбасадорката на САД, Анџела Агелер, дека американската администрација ќе ги разгледа измените на Кривичниот законик.
Измените во Кривичниот законик (КЗ), кои минатата недела беа експресно усвоени во македонското Собрание, ќе ги разгледува правниот тим на Американската амбасада во земјава.
За ова вчера информираше американската амбасадорка Анџела Агелер, прашана за коментар за брзото усвојување на измените на КЗ. Во одговор на прашањето, таа рече дека лично не ги видела и оти не може да ги коментира, а потсети и на соопштението на Стејт департментот од петокот во кое се вели дека е потребно да се следат процедурите на правниот систем на земјава.
Претходно вчера и евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, одговарајќи на новинарски прашања, кажа дека Брисел ги разгледува и наскоро треба да се произнесе во врска со измените на Кривичниот законик кои предизвикаа лавина реакции во јавноста, како во однос на нивната содржина така и околу самата процедура при нивното донесување по скратена постапка (со европско знаменце).
Измените на Кривичниот законик, кои Владата „тајно“ ги утврди и Собранието експресно ги донесе по скратена постапка (со европско знаменце), а претседателот Стево Пендаровски ги потпиша, се објавени во „Службен весник“ со датум 7 септември 2023.
Измените се однесуваат на 38 члена од Кривичниот законик, за кои власта рече дека 35 се за усогласување со директивите на ЕУ. Она што предизвика бура негативни реакции во јавноста е што измените опфатија промена на членовите кои се однесуваа на злоупотреба на службената положба и овластувања (член 353) и злосторничкото здружување (член 394). Со изгласувањето, пратениците ги намалија пропишаните казни за двете кривични дела, воведоа горна граница на максималната казна, а и укинаа еден став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања. Со тоа предвидоа и порано застарување на делата.