Вицепремиерката за добро владеење истакнува дека уште позагрижувачки се информациите дека поради неажурното одлучување на судиите можно е застарување на делото кое, како што додава, значи повреда на основните уставно загарантирани човекови права
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска изрази голема загриженост поради одлуката на Апелацискиот суд со која ја укина првостепената пресуда за случајот „Таргет-Тврдина“ и го врати предметот на повторно постапување. Таа го повика второстепениот суд детално да ја образложи оваа одлука.
„Со голема доза на загриженост ја примив информацијата дека Апелацискиот суд ја укинал првостепената пресуда за предметот „Таргет-Тврдина“, во кој, преку злоупотреба на службена положба, масовно беа прислушувани илјадници наши граѓани“,
напиша Грковска за својот официјален фејсбук-профил.
Во објавата, вицепремиерката истакнува дека уште позагрижувачки се информациите дека поради неажурното одлучување на судиите можно е застарување на делото кое, како што додава, значи повреда на основните уставно загарантирани човекови права.
„Апелацискиот суд има обврска пред граѓаните, транспарентно и детално да ја образложи оваа одлука, за која има сомнеж дека не оди во правец на владеење на правото и еднаквост пред законот. Во повеќе наврати кажав и сакам да повторам дека независноста на правосудниот систем не значи немање никаква одговорност. Го повикувам Апелациониот суд во името на правдата и во името на одговорноста пред граѓаните да ги соопштат причините за оваа одлука“,
вели вицепремиерката за политики за добро владеење, Грковска.
Апелацискиот суд Скопје денеска соопшти дека ја укинал првостепената пресуда за случајот „Таргет-Тврдина“, со која поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, беше осуден на 12 години затворска казна и го вратил предметот на повторно судење.
Според соопштението, второстепениот суд ги уважил жалбите на седуммина обвинети во случајот, односно на сите осудени на затворски казни, со исклучок на Владимир Варелов кој доби условна казна од две години.
Во кусото образложение на судот се наведува дека ваквата одлука бидејќи при разгледување на побиената пресуда констатирале дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривична постапка „кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност“.
Со ова, како што додаваат од второстепениот суд, се довела во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик.
„Таргет-Тврдина“ е главен предмет од аферата за масовното нелегално прислушување, а со првостепената пресуда, покрај Мијалков, на затворска казна од четири години беше осудена поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Највисоки казни од по 15 години затвор добија двајцата избегани контраразузнавачи од т.н. Петта управа на тогашната УБК, Никола Бошковски и Горан Грујовски.
Во случајот беа обвинети вкупно 11 лица, кои со првостепената пресуда, која Апелација сега ја укина, беа осудени на вкупно 55 години затвор и 10 години условен затвор.
Покрај затворските казни, со првостепената пресуда за случајот „Таргет-Тврдина“, која сега е укината, Основниот кривичен суд Скопје ги задолжи Мијалков, Јанкулоска, Грујевски и Бошковски да ја надоместат штетата за уништената опрема за прислушување во УБК, во висина од околу 1, 4 милион евра. Но, тоа ќе се случеше доколку Апелација ја потврдеше пресудата.
Инаку, со петчлениот судечки совет на Апелацискиот суд, кој одлучуваше по жалбите на седумтемина обвинети, претседаваше судијата Јани Нича. Покрај него, членови на судечкиот совет кој одлучуваше по овој предмет беа судиите Енвер Беџети, Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева.
Првостепената пресуда Основниот кривичен суд Скопје ја изрече на 26 февруари 2021 година. Јавна седница во Апелација за жалбите се одржа во март годинава, па за денешната одлука за чекаше повеќе од девет месеци.
Пред дваесетина дена Апелација, исто така, ја укина пресудата за „Трезор“ за начинот на набавка на британска опрема за следење на комуникации, каде што Мијалков првостепено беше осуден на уште една висока затворска казна од осум години.