Ова го покажуваат податоците за излезеноста до 11 часот во четири општини во земјава каде што Албанците сочинуваат околу 90% или повеќе од населението
Во Општина Липково, во втората изборна единица, одзивот на парламентарните избори до 11 часот изнесува 7,33%. Во исто време, одзивот на вториот круг од претседателските избори е неколкукратно понизок и изнесува 1,76%. Податоците од оваа општина, каде што околу 97% од населението се изјасниле како Албанци на последниот попис, е најдобра илустрација дека во средините со мнозинско албанско население на терен се случува тивок бојкот на претседателските избори.
Но, Општина Липково, сепак, не е најдобар репрезент за тоа што се случува на терен. Очигледно е дека во другите општини населени речиси ексклузивно со Албанци разликите се помали. Како што покажува табелата подолу, во Сарај, на пример, претседателските избори до 11 часот ги бојкотира секој втор гласач, но другите гласаат. Поточно, за парламентарни гласале 8,47%, а за претседателски 4,08%. Во Боговиње, пак, на парламентарните избори гласале 5,61%, а на претседателските 2,24%. Во Желино. на парламентарните гласале 7,24% а на претседателските 3,07%.

До пред изборите, јавно, никој не повика на бојкот на вториот круг од претседателските избори. Пред малку Артан Груби на Фејсбук објави видео од остварувањето на своето гласачко право. На видеото јасно се гледа и се слуша дека бара и го зема само ливчето за парламентарни, но не и за претседателски избори.
За вториот круг од претседателските избори да биде успешен, односно да се избере претседател, потребно е на гласање да излезат најмалку 40% од вкупниот број запишани избирачи. Во апсолутни бројки, тоа значи дека од вкупните 1 814 317 избирачи, на гласање треба да излезат најмалку 725 727 гласачи.