Обновените непријателства меѓи САД и Иран кои траат веќе петти ден, сè повеќе го доведуваат во прашање исполнувањето на прелиминарниот договор што двете земји го постигнаа, а кој требаше да ги отвори перспективите за доаѓање до целосно мировно решение на конфликтот
Војската на Соединетите Американски Држави (САД) соопшти дека доцна синоќа извршила нов бран напади врз цели во Иран, откако претседателот Доналд Трамп го предупреди Техеран дека, како што наведе, треба подобро да се однесува, пренесуваат светските медиуми.

Новиот бран американски напади, кои се случуваат петти ден по ред, според војската биле насочени кон иранските капацитети што претставуваат закана за бродовите што се движт низ Ормускиот теснец, додека иранските државни медиуми јавуваат дека системите за противвозудшна одбрана биле активирани и во главниот град Техеран, кој исто така, бил цел на нападите, пренесува Би-би-си.
Во меѓувреме, Иран соопшти дека неговите сили нападнале американски воени цели во регионот на Персискиот Залив, вклучитечно и во Бахреин и Кувајт, каде војската на САД има стационирано свои бази.
Обновените непријателства меѓи САД и Иран кои траат веќе петти ден, сè повеќе го доведуваат во прашање исполнувањето на прелиминарниот договор што двете земји го постигнаа, а кој требаше да ги отвори перспективите за доаѓање до целосно мировно решение на конфликтот.
Главниот преговарач на Иран, Мохамед Багер Галибаф, во изјава за државните медиуми во земјата, изјави дека Техеран „нема причина“ да се придржува до договорот ако нема корист од него.
Од друга страна, американскиот претседател Доналд Трамп, во вторникот се закани дека САД ќе почнат да напаѓаат мостови и електрани доколку Иран не се врати на преговарачката маса следната недела.
Прашан од новинарите вчера доцна вечерта дали ќе му даде на Иран рок да ги исполни барањата пред да почне со најавените напади на критичната инфраструктура на земјата тој одговори:
„Не сакам да давам рокови, но тие прилично добро знаат, ја знаат приказната… треба подобро да се однесуваат“,
рече Трамп.
Подоцна тој изјави дека Иран очајно сака да се постигне договор, бидејќи, како што додаде, на Техеран не му се допаѓа она што го прават САД, алудирајќи на нападите изминатите денови.
„Ќе видиме дали сакаме да се договориме со нив или едноставно ќе го завршиме тоа“,
изјави американскиот претседател.
Шефот на иранскиот преговарачки тим, Галибаф, пак, изјави дека одржувањето на ангажманот на Техеран во Ормускиот теснец, е прашање од кое зависи националната безбедност на Техеран, додавајќи дека преговорите, заедно со одговорите на нападите на САД се дел од стратегијата на отпор на земјата.
И покрај обновените борби, Трамп го поздрави ослободувањето на американскиот притвореник од страна на Иран за кој американскиот претседател рече дека бил неправедно приведен во декември 2024 година. Ваквиот потег Трамп го нарече маслиново гранче кое доаѓа од Иран.
„Таа сега е безбедно надвор од Иран и е во добра состојба. Соединетите Американски Држави го ценат овој гест на добра волја од страна на Иран“,
напиша Трамп синоќа на својата социјална платформа Трут соушл (Truth Social).

Инаку, силите на САД вчера спроведоа два брана напади врз цели во Иран, кои, според извештаите на Централната команда на војската на земјата (ЦЕНТКОМ), дополнително ја деградирале способноста на Техеран да напаѓа комерцијални бродови во Ормускиот теснец. Оттаму соопштија и дека било стрелано врз брод што се обидувал да ја прекрши обновената блокада на САД на иранските пристаништа.
— U.S. Central Command (@CENTCOM) July 16, 2026
Во синоќешниот напад, кој според Централната команда на силите на САД траел 90 минути биле гаѓани складишта и позиции за лансирање ракети на островот Голем Тунб. Во 21:00 часот според американско источно време, односно 2 часот по полноќ според средноевропско, ЦЕНТКОМ соопшти дека вториот бран американски напади е завршен.
Во соопштението се наведува САД ги погодиле иранските командни центри, потоа локации за воздушна одбрана, позиции за лансирање ракетни и беспилотни летала, како и крајбрежни објекти за надзор. Цел на нападите, како што се наведува бил и Бандар Абас, ирански град во Ормутскиот теснец.
Како одговор на американските напади, Иран соопшти дека ги таргетирал комуникациските системи на американската војска и складиштата во Јордан користејќи беспилотни летала.
Јорданските државни медиуми објавија дека нивната војска пресретнала осум беспилотни летала и дека нападот нема повредени лица или материјална штета.
Инаку, како одговор на обновената блокада на САД на иранските пристаништа, Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) го предупреди Вашингтон дека треба да очекува затворање на други извозни правци за нафта и гас што им служат на интересите на САД и нивните сојузници, без да прецизира за кои рути конкретно станува збор.
