Од Град Скопје реагираат на тврдењата на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, дека Власта доделува тендер на фирма од Струмица блиска до Зоран Заев.
*Поврзана вест: Јанушев: Власта ѝ додели тендер на струмичка фирма блиска до Заев
Од Градот велат дека договорот е склучен многу порано и е склучен од претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, а тие сега само го продолжиле за три месеци и тоа по пониска цена од претходната.
Тие напоменуваат дека Град Скопје ја презема „Дрисла“ на 22 јануари годинава со сите права и обврски што произлегуваат од нејзиното работење.
„На седница на Советот на Град Скопје на 11.2.2020 година усвоена е Програмата за работа на ЈП ‘Дрисла’ со што се создава можност во ЈП ‘Дрисла’ да започнат постапките за јавни набавки. Во рамките на затекнатите договори е и договорот склучен со фирмата ‘Алпима градба тим’ ДООЕЛ кој истекуваше на 18.02.2020 година. Имајќи предвид дека е краток рокот да се спроведат јавните набавки, ЈП ‘Дрисла’ се обрати до Министерството за финансии и Бирото за јавни набавки да може да се склучи договор со непосредна спогодба за период од 3 месеци додека заврши постапката за јавната набавка. Таквото барање е одобрено од Бирото“,
велат од Град Скопје.
Тие велат дека по основа на одобрението, ЈП „Дрисла“ склучила договор со истата фирма „Алпима градба тим“ за цена која е поевтина за повеќе од 10% од претходниот договор со нив, склучен од претходното раководство.
„Напоменуваме дека кадарот на ВМРО-ДПМНЕ во ЈП ‘Дрисла’ е тој што го има склучено договорот со овој правен субјект, а ние само го продолживме за три месеци за поевтина цена од таа што тие претходно ја имаат склучено. Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ не може да си ја прежали својата „златна кокошка“ и очигледно е дека нивниот добропознат клептомански начин на раководење со институциите е единствен начин на размислување, па токму затоа не можат да ја видат и прифатат различноста во водењето на градот и неговите капацитети според новите, чесни стандарди“,
се вели во соопштението на Град Скопје.