Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, обвини дека ѝ е доделен тендер од 12 милиони денари на струмичка фирма блиска до лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Според Јанушев, се работи за тендер доделен во четири очи од Град Скопје, односно од ЈП „Дрисла“ на фирмата „Алпима градба ТИМ“ ДООЕЛ Струмица, на 18 март оваа година, во вредност од 12 390 000 денари или 200 илјади евра.
„Тендерот е за наредните три месеци и е за изнајмување градежни машини на ЈП ‘Дрисла’. Сопственик на оваа фирма, која е и единствен понудувач по пат на преговарање во четири очи и која го доби тендерот од над 12 милиони денари во вонредна состојба, е веќе познатиот на јавноста, Александар Пиперевалиев, а фирмата е регистрирана во Струмица“,
рече Јанушев.
Тој вели дека овој тендер е прв и единствен тендер што оваа фирма го добила во изминативе неколку години и дека фирмата немала искуство со работење на тендери.
„Уште поинтересно е дека својот подем оваа фирма го доживува од 2017 година па навака, откако СДСМ доаѓа на власт. Од 2017 до 2018 профитот кај оваа фирма нараснал за над 3 000 отсто. Целиот обрт во 2018 година на фирмата е 12 милиони денари, а сега одеднаш во еден тендер се добива сума од истата висина. Имено, Пиперевалиев е тесно поврзан со фамилијата Заеви, каде што е близок бизнис ортак со Горан Крстев во фирмата за канабис ‘Бул билдинг’ Струмица, кој е пак доскорашен бизнис-ортак со семејството Заеви преку фирмите „Сара Јавор“ и „Сара Инжинеринг“,
вели Јанушев.