Одговорот што го испрати ЕУ во однос на неодамнешните измени на Кривичниот законик не е благ и е многу јасен и беше испорачан од Брисел за да се покаже важноста и сериозноста што се придаваат на ова прашање, вели евроамбасадорот Дејвид Гир во однос на неодамнешните измени на Кривичниот законик
За шефот на делегацијата на Европската Унија во земјава Дејвид Гир, одговорот што го испрати ЕУ во однос на неодамнешните измени на Кривичниот законик, не е благ и е многу јасен.
Гир, во интервју за магазинското издание на „360 степени“, вели дека одговорот на ЕУ е испорачан од Брисел за да се покаже важноста и сериозноста што се придаваат на ова прашање.
„Пораките беа… Прво за начинот на кој овој закон беше сменет, се критикуваше употребата на европското знаменце, што подразбира скусени процедури. Во вакви ситуации кога имате законски измени со потенцијално значајни импликации за неказнивост, важно е да има јавна дебата и можност за критичка опсервација на легислативата“,
вели Гир.
Според него, првата работа која ЕК ја кажа беше дека употребата на ЕУ-знаменцето во овој контекст не беше во ред. Второ, вели Гир, се гледаше суштината на измените и беше изразена загриженост дека како резултат на тоа може да има неказнивост за лица кои се дел од многубројни предмети за корупција на високо ниво.
„Секако, она што сега треба да го направиме е одблиску да ги следиме разните предмети како се движат низ судската постапка за да видиме дали навистина тоа ќе се случи. Но, реалната загриженост е тука. ЕК ја акцентира важноста на тоа дека во случаи со висока корупција треба да има ефективна санкција која е пропорционална и која ќе одвраќа во ваков контекст, и истовремено ЕК кажа дека ќе продолжи исклучително одблизу да ја следи ситуацијата во идниот период. Оттука, одговорот на вашето прашање е дека ова е дел од целокупната слика за владеењето на правото, одблиску го следиме, загрижени сме, продолжуваме да го анализираме импактот на овие измени и ќе продолжиме да следиме и во иднина“,
додава тој.
На прашањето на „360 степени“ што ако има случаи на неказнивост, Гир вели дека, ако тие се резултат на законските измени, тогаш за нив ќе коментираат и ќе разговараат со надлежните за да ја пренесат нивната загриженост.
„ЕК и земјите членки ќе го оценуваат вкупното влијание на овие закони. Секако, наредните чекори кои ги очекуваме се напредок во пристапниот процес, да видиме патоказ, особено во делот на владеењето на правото. Претпоставувам дека ова се прашања кои треба да бидат вклучени, но тоа е прашање за кое ќе решаваат земјите членки. Но, како што реков, нема куси патчиња (кратенки) или компромиси“,
додава Гир.
Гир и во текот на минатиот месец изјави дека Европската Унија наскоро треба да излезе со став во врска со измените на Кривичниот законик, кои предизвикаа лавина реакции во јавноста, како во однос на нивната содржина така и околу самата процедура при нивното донесување по скратена постапка (со европско знаменце).
Измените на Кривичниот законик, кои Владата „тајно“ ги утврди и Собранието експресно ги донесе по скратена постапка (со европско знаменце), а претседателот Стево Пендаровски ги потпиша, се објавени во „Службен весник“ со датум 7 септември 2023.
Измените се однесуваат на 38 члена од Кривичниот законик, за кои власта рече дека 35 се за усогласување со директивите на ЕУ.
Она што предизвика бура негативни реакции во јавноста е што измените опфатија промена на членовите кои се однесуваа на злоупотреба на службената положба и овластувања (член 353) и злосторничкото здружување (член 394).
Со изгласувањето, пратениците ги намалија пропишаните казни за двете кривични дела, воведоа горна граница на максималната казна, а и укинаа еден став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања. Со тоа предвидоа и порано застарување на делата.