Владимир Мирчески, известувач на „360 Степени“ од Брисел
Во Брисел во тек е работен појадок на министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Албанија, Никола Димитров и Гент Цакај, со шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ. Тема се проширувањето на ЕУ, најавената реформа на методологијата за пристапниот процес и перспективата на двете земји за скорешно отворање на преговорите за членство.

Состанокот го организира грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас, во рамките на иницијативата на грчката влада за што побрза позитивна одлука од ЕУ за Скопје и за Тирана.

Присуствуваат десетина шефови на дипломатии на земји-членки на ЕУ, меѓу кои на Германија, Холандија, Литванија, Бугарија, Данска, Хрватска, Австрија, Словачка, Словенија… Франција е претставена на ниво на постојан претставник (амбасадор) во ЕУ.

На работниот појадокот присуствува и новиот еврокомесар за проширување, Оливер Вархели, како и шефот на директоратот за проширување во ЕК, Кристијан Даниелсон. На Вархели, кој пред десетина дена ја презеде позицијата, ова му е прва средба со земјите-кандидатки кои во октомври не добија зелено светло за почеток на преговори. Пред појадокот, Вархели имаше куси средби за запознавање со македонскиот министер Димитров и со албанскиот Цакај.

Повеќе за исходот и пораките од работниот појадок во Брисел гледајте вечерва (9 декември 2019 г.) во емисијата „360 Степени“ на ТВ Алсат од 22 часот.