Претседателите на општинските организации да се избираат на внатрепартиски избори, исто како што тоа е сега случај со претседателот на партијата, е првата поголема реформа која Филипче ја презентирал на вчерашните средби
Ексминистерот за здравство и актуелен пратеник во Собранието, Венко Филипче, кој е еден од четворицата кандидати за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), вчера од Охрид и Струга официјално ја започна својата кампања за внатрепартиските избори закажани на крајот на месецов.

Тој пред членството на партијата во овие два града им ја претставил својата програма преку која, како што се наведува во првото соопштено од неговата кампања, ветува дека СДСМ ќе биде ефикасна и функционална партиска организација која работи во интерес на членовите и граѓаните.
Претседателите на општинските организации да се избираат на внатрепартиски избори, исто како што тоа е сега случај со претседателот на партијата, е првата поголема реформа која Филипче ја презентирал на вчерашните средби.
Само на овој начин, според него, ќе бидат избрани оние што имаат најголема поддршка од членовите на СДСМ. Дополнително, вели тој, оваа реформа ќе доведе до поефикасно лидерство, подобра застапеност на гласовите на членовите на партијата и следствено посилен и пообединет СДСМ.
„Јас не верувам во наметнати решенија туку инклузивни политики на менаџирање. Довербата во членството и граѓаните ќе ја вратиме со достапност, отвореност, одговорно однесување на сите партиски членови, особено на високите партиски и политички функционери“,
рече Филипче, се наведува во соопштението.
Воведувањето на внатрешни избор за претседатели на општинските организации, како што се додава, е содржано и во програмата на Филипче со која ќе ја бара довербата од членството во трката за лидерската позиција во СДСМ
„Со воведување внатрешни избори за позициите на претседатели на општински организации, ќе ја зголемиме довербата меѓу членовите и граѓаните, ќе ги избереме најдобрите кадри со најголема поддршка, ќе обезбедиме и ќе ја вратиме довербата на јавноста во нашата партија. Новото раководство на партијата ќе дефинира јасни насоки и правила за внатрешниот изборен процес, обезбедувајќи транспарентност и правичност“,
пишува во програмата на Филипче.

Инаку, условно кажано, негови противкандидати на внатрепартиските избори за шеф на СДСМ се ексминистерката за одбрана и пратеничка, Славјанка Петровска, директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и актуелниот заменик-министер за информатичко општество и администрација во техничката влада, Александар Бајдевски, чии кандидатури ги потврди Централната изборна комисија на партијата.
Инаку, во неделата (9 јуни) СДСМ имаше отчетен конгрес на кој партиските челници требаше да реферираат за тешкиот пораз на парламентарните избори на 8 мај, но истиот беше прекинат бидејќи општинските организации на партијата побарале дополнително време да го анализираат и да се произнесат на ниво на општински изборни штабови и организации за обемниот материјал на извештајот кој бил презентиран од страна на шефот на изборниот штаб и генерален секретар на партијата, Миле Зечевиќ.
„Предлогот беше поддржан од мнозинството присутни делегати, со што се одлучи конгресот да прекине со работа, да се даде време општинските организации да го анализираат Извештајот, да се произнесат и дадат свој придонес во конечната верзија со забелешки, сугестии и заклучоци“,
изјавија од СДСМ.
Засега од партијата не е соопштен датум кога отчетниот конгрес ќе продолжи со работа.
Заменик-претседателката на СДСМ и актуелна директорка на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска вчера во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24, рече дека според неа не станува збор за конгресен дебакл и преседан, нешто што многумина тоа така го толкуваат, додавајќи дека за многу работи кога СДСМ бил засегнат имало и многу шпекулации.
„Ако имаме простор за дебата. И ако одредени делегати имаат потреба да го доанализираат и допрецизираат извештајот. Можеби има одредени сегменти кои во извештајот не се одредени. Можеби има уште простор за критика. Не сметам дека ова е нешто што би било аларм. Шпекулации има многу. Но, исто така после војна има и многу генерали“,
рече таа.
Според неа, одложениот отчетен конгрес на партијата очекува да биде завршен до 30 јуни, односно пред внатрепартиските избори за нов претседател.
„Сметам дека треба да имаме продолжување на конгресот за многу брзо време. Има посебна работна група која работи на отчетниот конгрес. Покрај извештајот, таму има и многу други точки на дневен ред за кои треба да дискутираме. Само едно имам да кажам, дека конгресот на СДСМ е демократско начело и таму секој делегат може да каже што мисли и се надевам дека ќе има помалку критизери, а повеќе добронамерни критичари“,
изјави Лукаревска.