Пратеникот се повика и на истражувања на јавното мислење, според кои, голем дел од граѓаните се против внесување на Бугарите во Уставот под условите што ги поставува официјална Софија
Петрушевски посочи дека евентуалните уставни измени нема да ги затворат отворените прашања со Бугарија, туку би можеле да отворат нови предизвици за државата
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска упатија критики кон опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) и неговиот лидер Венко Филипче, обвинувајќи ги дека водат политики кои се во интерес на официјална Софија, наместо на македонските национални интереси.
На денешната прес-конференција, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, изјави дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е фокусирана на подобрување на животниот стандард на граѓаните и на привлекување странски инвестиции, додека СДСМ се занимава со политики кои не ја одразуваат волјата на мнозинството граѓани.

„Додека раководството на СДС и нивниот претседател Венко Филипче, познат како специјален пратеник на Бугарија во Македонија или народски кажано – слуга на официјална Софија, гледаат само да распродадат се македонско, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ мисли на граѓаните и секојдневно работи за подобар животен стандард. Колку за илустрација во таа насока се и активностите деновиве за привлекување на странски инвеститори“,
вели Петрушевски.
Според него, Филипче и раководството на СДС се однесуваат целосно полтронски кон Бугарија и официјална Софија оти веројатно тоа го гледаат како единствен начин за доаѓање на власт.
„Но, актуелното државно раководство на прво место ја става сопствената држава Македонија, сопствениот јазик, идентитет и се што е македонско“,
додаде тој, оценувајќи дека таквиот пристап има широка поддршка во јавноста.
Пратеникот се повика и на истражувања на јавното мислење, според кои, голем дел од граѓаните се против внесување на Бугарите во Уставот под условите што ги поставува официјална Софија.
„Дека политиката која се води е во вистинска насока неделава покажаа и истражувања на јавното мислење. Високи 80 отсто се против вклучување на Бугарите во Уставот под диктат на официјална Софија’,
рече Петрушевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека евентуалните уставни измени нема да ги затворат отворените прашања со Бугарија, туку би можеле да отворат нови предизвици за државата.
„СДС мора да разбере дека со промовирање на идејата за Бугари во Устав не се става крај, туку само се отвораат низа на прашања и проблеми за Македонија. Се додека СДС не се освести, само ќе тоне се подлабоко и е на добар пат да се уништат самите“,
вели пратеникот.
Воедно, тој оцени дека политиките на СДСМ не добиваат поддршка кај граѓаните, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи, достоинствено да ги застапува националните интереси и во процесот на европска интеграција на државата.
Претходно, лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) Венко Филипче рече дека неодамнешните ставови на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова претставуваат потврда на позициите што неговата партија и граѓанскиот „Фронт за вистина и правда“ ги застапуваат веќе подолг период.
Во објава на социјалната мрежа Икс, Филипче посочува дека историските спорови со Бугарија и работата на заедничката историска комисија не се дел од условите за продолжување на преговорите со Европската Унија, туку претставуваат билатерално прашање меѓу двете држави.
„По прв пат некој од ВМРО јавно го кажува она што ние во СДСМ, а сега и во големиот граѓански фронт, го повторуваме веќе долго време. Историските спорови со Бугарија и работата на Историската комисија не се дел од условите за продолжување на преговорите со Европската Унија. Тоа е билатерално прашање меѓу Македонија и Бугарија, а не европски услов“,
напиша лидерот на СДСМ на Икс.
