Во својата објава, лидерот на СДСМ ја цитира изјавата на Сиљановска-Давкова во која вели дека државата треба да биде оценувана според Копенхашките критериуми и да се фокусира на процесот на европеизација
„Дали ова значи дека претседателката Сиљановска-Давкова сака да се приклучи на ‘Фронтот за вистина и правда‘?, праша Филипче, додавајќи дека по прв пат некој од ВМРО јавно го кажува она што СДСМ и в граѓанскиот фронт го повторуваат веќе долго време
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) Венко Филипче вели дека неодамнешните ставови на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова претставуваат потврда на позициите што неговата партија и граѓанскиот „Фронт за вистина и правда“ ги застапуваат веќе подолг период.

Во објава на социјалната мрежа Икс, Филипче посочува дека историските спорови со Бугарија и работата на заедничката историска комисија не се дел од условите за продолжување на преговорите со Европската Унија, туку претставуваат билатерално прашање меѓу двете држави.
„По прв пат некој од ВМРО јавно го кажува она што ние во СДСМ, а сега и во големиот граѓански фронт, го повторуваме веќе долго време. Историските спорови со Бугарија и работата на Историската комисија не се дел од условите за продолжување на преговорите со Европската Унија. Тоа е билатерално прашање меѓу Македонија и Бугарија, а не европски услов“,
пишува Филипче на Икс.

Неговата реакција следи по изјавата на претседателката дека Македонија треба да напредува кон Европската Унија преку спроведување реформи и владеење на правото, а не преку расправи за историјата и националниот идентитет.
Во својата објава, лидерот на СДСМ ја цитира изјавата на Сиљановска-Давкова во која таа вели дека државата треба да биде оценувана според Копенхашките критериуми и да се фокусира на процесот на европеизација.
„Оставете нѐ да се европеизираме на патот, да станеме компатибилни со она што го бараат Копенхашките критериуми. Како? Не губејќи го времето на решавање историски прашања бидејќи тие се исклучени од идентитетските, од конститутивните акти на ЕУ, преку членот дека ќе се почитуваа националниот и културниот идентитет, и да се концентрираме на европеизацијата“,
ја цитира Филипче нејзината изјава дадена за националната агенција МИА.
Тој сподели исечоци од нејзините изјави објавени во медиумите:
Филипче нагласи дека реформите и исполнувањето на Копенхашките критериуми се суштинските европски барања и единствениот пат за напредок кон полноправно членство во Европската Унија.
„Дали ова значи дека претседателката Сиљановска-Давкова сака да се приклучи на ‘Фронтот за вистина и правда‘?,
прашува Филипче во објавата.
Според него, реформите не претставуваат закана за македонскиот јазик, култура и национален идентитет.
„Историските спорови со Бугарија и работата на Историската комисија не се дел од условите за продолжување на преговорите со Европската унија. Тоа е билатерално прашање меѓу Македонија и Бугарија, а не европски услов. Упорно објаснуваме дека реформите и Копенхашките критериуми се европски барања, а не бугарско прашање и дека се клучни за продолжување на преговорите. Гордана, ви благодарам за вистината. Како професорка по право, се надевам дека наскоро ќе бидете и на страната на правдата“,
вели тој.
Во објавата упати критики до премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека со лаги и пропаганда ја изолира државата и ја оддалечува од европскиот пат.
„Не смееме да дозволиме Мицкоски со лаги и пропаганда да го дели народот, да ја изолира Македонија поради својот криминал и корупција и да ја остави Македонија како слепо црево на Балканот“,
пишува Филипче.
На крајот од својата објава, тој порача:
„Реформи сега. Европа сега“.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова пред два дена во обраќањето на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Софија укажа на потребата од оживување на духот на регионалната соработка и враќање кон принципите врз кои пред три децении беше воспоставен овој процес.
Осврнувајќи се на процесот на проширување на Европската Унија, таа посочи дека тој мора да се темели на Копенхашките критериуми, а напредокот во спроведувањето на реформите да го диктира темпото на пристапниот процес.
„Повикувајќи се на зборовите на бугарскиот автор Георги Господинов дека ‘кога вратите на иднината се затвораат, минатото станува единствената татковина’, таа предупреди на потребата од дебалканизација преку европеизација“,
рекла таа.
