Во извадокот од интервјуто, кое во целост ќе биде објавено викендов, претседателката цитира членови од договорот за ЕУ, аргументирајќи дека идентитетските прашања не треба да бидат дел од процесот

Процесот на проширување на Европската унија мора да се темели на Копенхашките критериуми, а европскиот конституционализам не може да опстои ако не ги почитува своите вредности. Ова го изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова во интервју за националната агенција МИА.
„Оставете нѐ да се европеизираме на патот, да станеме компатибилни со она што го бараат Копенхашките критериуми. Како? Не губејќи го времето на решавање историски прашања бидејќи тие се исклучени од идентитетските, од конститутивните акти на ЕУ, преку членот дека ќе се почитуваа националниот и културниот идентитет, и да се концентрираме на европеизацијата“,
вели таа.
Во извадокот од интервјуто, кое во целост ќе биде објавено викендов, претседателката цитира членови од договорот за ЕУ, аргументирајќи дека идентитетските прашања не треба да бидат дел од процесот.
„Членот 2 на договорот за ЕУ повикува на почит на дигнитетот, слободата, еднаквоста, демократијата, владеењето на правото, на човековите права, вклучувајќи ги и малцинските. Тоа е нешто што е врзано директно за Копенхашките критериуми од 1993 година“,
вели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и додава дека на овој член се повикува членот 49 од договорот за ЕУ кога вели дека нивното исполнување е услов, и тоа не само политички туку и правен услов за членство.
Според неа, уште поважен, можеби и порелевантен за нашиот случај, е членот 4, став 2, „нешто што ние во уставното право го нарекуваме клаузула на национален идентитет бидејќи јасно се вели дека Унијата ќе ја почитува еднаквоста на сите членки, не само на тие внатре туку и на оние што сакаат да влезат внатре“.
„Зошто? Бидејќи се однесува на националниот идентитет, на културниот идентитет и ова најважното – инхерентен на фундаменталните политички и уставни структури на државата“,
додава таа.
Значи, вели таа, ЕУ ќе ги почитува уставните и политичките структури.
„А тука е и логиката на другата група држави, кои велат дека ова се однесува само на членките што се внатре во ЕУ. Апсурдно е дека вие не мора да ги исполнувате овие критериуми кога аплицирате, ама откако ќе влезете… е, тогаш мора. Па ако е така, тогаш кога ќе влезат државите, сигурно ќе ги менуваат уставите. Има држави, како Италија и Холандија, кои немаат ниеден збор за Европската Унија. Има држави што внесуваат најчесто една глава во Уставот, што се однесува на односот меѓу уставното право, домашното, националното и акито, односно европското право. Ама ние со децении се хармонизираме. Со што се хармонизираме? Па точно со овие принципи бидејќи тие кореспондираат со Копенхашките критериуми и не случајно се утврдени“,
вели Сиљановска-Давкова.
Таа напомена уште еден важен член, членот 4, ама сега ставот 3, бидејќи тој вели дека се поттикнува или се бара искрена соработка, па и во договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, основниот принцип е bona fide.
„Значи, пријателство и добрососедство, не непријателство и вето. И суштината на пријателството и на добрососедството е во преамбулата на договорот. И таа вели дека нашиот сосед ќе нѐ помага на патот со сопствените искуства, исто така ќе ни го отвори патот кон Европската Унија и тоа некако звучи скандинавски. Ама не е така“,
додава претседателката.
Таа укажува и на последниот релевантен член – членот 49, кој се однесува на тоа кога вие можете да влезете, кога може да станете членка на Европската Унија притоа појаснувајќи дека тој член многу убаво се осврнува на претходните што ги наброи – дали членката, т.е. кандидатката, ги исполнува.
„И понатаму следува она што го слушам деновиве и не го разбирам. Следува одлуката на парламентот, значи на македонскиот парламент со двотретинско мнозинство, кој треба да го чуе, преку пратениците, гласот на граѓаните. Како? Не само со двотретинското мнозинство, туку и со референдум на кој граѓаните ќе одлучат дали се за членство во Европската Унија по ратификацијата од другите членки. Значи, ние предложивме решение што не би го предложиле другите држави. Решение дека ајде и по 37. пат ќе го менуваме Уставот“,
рече претседателката Сиљановска-Давкова алудирајќи на тоа дека проблемот со нашето членство во ЕУ не е Уставот зашто тој има веќе 36 амандмани, 36 пати е менуван и секогаш под влијание на меѓународната заедница.
